Фото: Игор Бансколиев

Спроведувањето на билатералните соседски договори со Грција и со Бугарија доведува до апсурдни ситуации во Македонија, и во фактичкото и во правното толкување на одредбите на споменатите договори. Тоа доведува до заблуди или, во најмала рака, до збунувачко функционирање и на институциите и на граѓаните. Додека другите страни потписници на договорите (Грција и Бугарија) не покажуваат никаков интерес ниту желба за спроведување на и така малиот број обврски што ги имаат според билатералните документи, македонските граѓани, правни субјекти, па и институциите, се соочуваат со ситуации во кои мора судски да се борат за правото на користење на зборот Македонија без додавката на географската одредница, наметната токму со Преспанскиот договор со Грција

Постпреспански феномени: Правни апсурди, фактички бесмислици, нелогичности и секојдневни заблуди

Спроведувањето на билатералните соседски договори со Грција и Бугарија доведува до апсурдни ситуации во Македонија, и во фактичкото и во правното толкување на одредбите на споменатите договори. Тоа доведува до заблуди или, во најмала рака, до збунувачко функционирање и на институциите и на граѓаните. Додека другите страни потписници на договорите (Грција и Бугарија) не покажуваат никаков интерес ниту желба за спроведување на и така малиот број обврски што ги имаат според билатералните документи, македонските граѓани се соочуваат со ситуации во кои мора судски да се борат за правото на користење на зборот Македонија без додавката на географската одредница, наметната токму со Преспанскиот договор со Грција.

Управниот суд со пресуда го поништи решението на Министерството за правда за забрана на употребата на терминот Македонија при регистрација на правни субјекти

Прeд неколку дена имаше судска разврска на еден случај на забрана на употреба на зборот Македонија при регистрација на граѓанско здружение, според решение од ноември 2020 година на поранешниот министер за правда Бојан Маричиќ, инаку актуелен вицепремиер за евроинтеграции. Управниот суд донесе пресуда со која го поништи решението на Министерството за правда со кое се забранува употребата на терминот Македонија при регистрација на правни субјекти.
– Управниот суд го поништи решението на министерот Бојан Маричиќ со кое се забранува употребата на терминот Македонија на здружение граѓани од Република Македонија. Моментно го поништи тоа решение и го врати на одлучување во Министерството за правда. По законски предвидениот рок од 60 дена, Министерството мора да донесе решение со кое ќе каже дали го дозволува или не го дозволува терминот Македонија. Ако повторно каже дека не е дозволено, ние пак можеме да вложиме тужба и тогаш Управниот суд треба да одлучува мериторно. Тоа значи дека неговата одлука е задолжителна, не само од формален туку и од суштински аспект. Тогаш Управниот суд ќе се изјасни во целост за тоа дали може да се користи или не терминот Македонија. Апсолутно очекував ваква одлука. Денеска добивме една битка, но не и војната. На овој начин треба да си ги остваруваме своите права, за жал во Македонија, но мислам дека не треба да се откажуваме. Одиме понатаму – порача адвокатот Тони Менкиноски, кој го застапуваше тужителот Димитар Џундев, по одлука на Управниот суд.

Доколку во името на некој правен субјект при регистрација е содржан зборот Македонија, потребна е согласност од Министерството за правда

Правниот јазол во кој се најде сѐ уште нерегистрираното здружение „Млади за Македонија“ произлегува од законската обврска во постапката при регистрација на некој правен субјект, невладина организација или приватна фирма, доколку во неговото име е содржан зборот Македонија, потребна е согласност од Министерството за правда за негова употреба.
Таквата надлежност на Министерството за правда за невладините организации произлегува од важечкиот Закон за здруженија на граѓани и фондации донесен во 2010 година, чиј став 1 од членот 9 гласи: „Зборот Македонија и зборовите изведени од него, како и неговите кратенки, може да се содржани во името на организацијата само со одобрение на Министерството за правда.“ Врз основа на ваквата законска надлежност на Министерството за правда, поранешниот министер за правда, во ноември 2020 година издаде решение со кое „термините ’Македонија’, ’Република Македонија’, ’ПЈР Македонија’, кратенката ’ПЈРМ’, во преведена или непреведена форма, не смеат да се употребуваат во целокупната внатрешна и надворешна официјална комуникација од никого“.
Ова решение, кое сега е поништено од Управниот суд, односно вратено на „преобмислување“ во Министерството за правда, уште кога беше изречено предизвика контроверзни видувања и во правната јавност, особено што за таков радикален став на севкупна забрана за користење на терминот Македонија нема член ниту во Преспанскиот договор, кој децидно наведува дека тоа се однесува и на субјекти што не се финансирани од државата.
Според поранешната министерка за правда Рената Дескоска, користењето на новото уставно име на државата е обврска за официјална комуникација, а не за приватна.
– Нема пречка ниту во Уставот ниту во Преспанскиот договор во името на приватни субјекти – невладини организации, фирми, политички партии – да е содржан зборот Македонија, и тоа само тој збор без придавката од уставното име. Впрочем, сите гледаме дека во овие две години од донесување на уставните амандмани никој не отворил ниту прашање, ниту пак има барање за пререгистрација на многуте невладини организации и политички партии во чие име е содржан зборот Македонија – без никакви придавки пред него. За такви барања нема ни простор да се постават. Исто така, сакам да нагласам дека користењето на новото уставно име на државата е обврска за официјална комуникација, не за приватна. Така беше и порано. Никој во приватна комуникација порано не го користеше уставното име Република Македонија, туку се користеше само зборот Македонија.

Дескоска: Нема ниту може да има обврска да се користи (или уставното име или скратеното име Северна Македонија) за секојдневната неслужбена комуникација

Според моето разбирање на Преспанскиот договор, обврска само за официјална комуникација е да се користи или уставното име или скратеното име Северна Македонија. Но потенцирам: официјална или службена комуникација. Нема ниту може да има обврска за секојдневната неслужбената комуникација. Секој граѓанин што не настапува од позиција на носител на власт, во неслужбена комуникација е сосема слободен да го употребува само зборот Македонија, без никакви придавки пред тоа, без Северна и без Република – коментираше поранешната министерка за правда Рената Дескоска во времето кога беше донесено контроверзното решение од нејзиниот наследник во Министерството за правда, Маричиќ.
Во меѓувреме од овие две години, откако е донесено решението (практично) за забрана на користење на името Македонија при регистрација на правни субјекти, ситуацијата доби дополнителна контроверзност кога беше дозволена регистрација на здруженија со имиња на озлогласени во македонската јавност, имиња на докажани соработници на фашистичките режими за време на Втората светска војна.
– Ваквите правни контроверзии поврзани со случаи за регистрација на граѓански здруженија, односно со проблематизирањето во јавноста што го предизвикува нивното именување, покажуваат дека во Македонија имаме проблем со правната држава, зашто не се почитуваат законите. Всушност, немаме јасни и прецизно дефинирани законски одредби за регистрација на граѓански здруженија. Институциите не реагираат соодветно, речиси не функционираат во спроведувањето на законот за решавање на недозволени ситуации и дозволуваат странски држави и странски граѓани да инфилтрираат во Македонија граѓански здруженија со имиња на фашистички соработници, а го забрануваат и проблематизираат користењето на терминот Македонија. Таквата состојба одразува една первертирана практика на спроведување на правото и правдата, кое во крајна линија го загрозува и ограничува базичното право на македонските граѓани за слобода на изразување и себеименување – вели поранешниот јавен обвинител Сотир Костов.


Тупанчески ќе ја почитува одлуката на Управниот суд

Министерот за правда Никола Тупанчески вели дека ќе ја почитува одлуката на Управниот суд, кој го поништи решението со кое не му дозволи регистрација на здружението „Млади за Македонија“ со тоа име.
Решението пред две години го потпиша неговиот претходник Бојан Маричиќ, со образложение дека треба да се применат уставните амандмани за примената на новото уставно име. Тупанчески ќе ја разгледа одлуката на судот откако ќе ја добие и вели дека ќе биде задолжителна.
Одлуките на судовите што се донесени се одлуки што задолжително се почитуваат. Непочитувањето судска одлука значи елементи на некое друго кривично дело. Ќе погледнеме каква е одлуката на Управниот суд. Јас уште не сум ја добил и видел. Меѓутоа дефинитивно она што треба да се знае е дека одлуките на судовите треба да се применуваат – изјави актуелниот министер за правда Никола Тупанчески.