Фото: Игор Бансколиев

Управата за финансиска полиција и Министерството за внатрешни работи влегоа во ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, потврдија за МИА од Основното јавно ибвинителство (ОЈО) и од скопски „Водовод“.

Од ОЈО велат дека е известен јавен обвинител и дека обвинителството ќе постапи согласно надлежностите доколку органите во чија надлежност е откривањето на криминал утврдат елементи на кривично дело.

– Во овој момент обвинителството има консултативна и координативна улога и јавниот обвинител редовно се известува за преземените дејствија. Доколку органите во чија надлежност е откривањето на криминал утврдат елементи на кривично дело, обвинителството ќе постапи согласно своите надлежности – велат од ОЈО.

МИА денеска упати прашања и до Финансиската полиција и кабинетот на градоначалничката на Град Скопје, но од нив до објавувањето на веста не доби одговор.

Град Скопје неделава соопшти дека го разрешува в.д. директор на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, Златко Перински, поради самоволие и несоодветно постапување во постапка за милионски тендер.

По ова, оставки поднесоа и директорите на уште неколку јавни претпријатија коишто се под надлежност на Град Скопје.