Пребегнатиот висок офицер на КГБ, Олег Гордиевски даде интересна изјава во интервју кај бугарскиот новинар Георги Коритаров. Имено, поранешниот разузнавач тврди дека сега во Бугарија работи моќна руска резидентура, составена од 200 ќелии, со по 3 до 20 луѓе, командувани од руски генерал. Според него, тие се имплементирани во сите владини институции и одделенија, вклучувајќи ги и тајните служби, армијата, полицијата и институциите директно одговорни за безбедноста на земјата. Сега, и квантитативно и квалитативно, со оглед на можностите на новите технички средства за комуникација, протокот на информации од Бугарија до Кремљ е многукратно помоќен и погуст
Бугарија поделена на русофили и русофоби
Бугарската јавност повторно е вознемирена со уште една информација во која се потврдува поврзаноста со Русија, колку и да се порекнува тоа на официјално ниво. Дури и најзакоравените противници на Русија во Софија не можат да се начудат како тоа митовите за „дедо Иван“ живеат толку долго и опстојуваат во бугарското општество.
За неупатените, треба да се каже дека во бугарската јавна свест стабилно коегзистираат две слики: на митскиот дедо Иван, кој ќе дојде, ќе се бори со турскиот султан и ќе ги ослободи; и на сибирската мечка, која ако те фати со грабливите шепи, ќе те растргне и ќе те изеде до коска. И двете слики ја опишуваат тамошната бугарска реалност – „руската автократска, болшевичка или путинска империја“. Метафорите на еден ентитет, дедо Иван и сибирската мечка, се во постојан конфликт три века. За тоа во која од двете слики ќе ја препознаат Русија, Бугарите се поделени на -фили и -фоби, кои се непомирливо непријателски расположени уште од втората половина на 18 век.
Новиот прилог кон аргументите за и против дедо Иван дојде завчера, кога во Софија, во извештајот на Државната агенција за национална безбедност (ДАНС) беше обелоденето дека Русија се обидела да влијае на бугарската политика во однос на ЕУ и енергијата. Годишниот извештај е објавен на веб-страницата на Владата и на службата за безбедност.
„Од средината на 2021 година, Руската Федерација ќе започне голема хибридна кампања за дефинирање на европската безбедносна архитектура во согласност со нејзините стратегиски интереси, вклучувајќи и прекин на проширувањето на НАТО кон исток и зачувување на руското влијание во соседните земји“, стои во извештајот, јавува Бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа.
Според извештајот, Русија за хибридните напади ангажирала дипломатија, воена моќ, специјални служби, економска потпора и зависност (главно во енергетската сфера), информативна пропаганда и кампањи за дезинформација и сајбер-напади. Единствената земја што се споменува во документот е Русија, но во документот се зборува за активностите на неколку странски разузнавачки служби на територијата на земјата.
Во документот се вели дека Бугарија е предмет на систематски разузнавачки интерес насочен кон обврските на Бугарија во ЕУ и во НАТО, модернизацијата на нејзината армија, економијата и внатрешната политика, поради серијата парламентарни избори минатата година.
Извештајот на ДАНС беше доставен до Советот на министри уште во март, за време на редовната влада, а сега станува јавен. Извештајот на ДАНС за првпат дава објаснувања од едукативен карактер – има професионална едукативна вредност. Посочени се и делови од Кривичниот законик по кои се поднесени предмети. Дадени се концепти, шеми, развој – изјави Георги Крастев, поранешен секретар на Советот за безбедност на Советот на министри, во емисијата „Утринава“ на БТВ.
Новинарот Асен Агов во истата емисија прецизира дека извештајот на ДАНС е за 2021 година – пред војната во Украина. Тој дополни дека во извештајот првпат се појавиле информации за начинот на регрутирање, а имало доволно информации од отворени извори.
Најновиот случај ги врати сеќавањата на едно исто така интересно сведочење во ТВ-емисија, кога пред извесно време, пребегнатиот висок офицер на КГБ, Олег Гордиевски имаше интервју кај Георги Коритаров.
Добро знаете дека во времето на социјализмот во секое ваше министерство имаше таканаречен „советски советник“ со ранг заменик-министер. Никој во вашата држава (станува збор за Бугарија во целото интервју) немаше право да затскрие какви било информации на советските советници, вклучувајќи ги и највисокодоверливите информации. Тие советници, пак, веднаш ги проследуваа сите информации до Кремљ, каде што многуброен штаб, составен од висококвалификувани кадри, ги анализираше, класифицираше и архивираше. Честопати ниту самиот бугарски министер немал толку целосни информации за одделот што му е доверен, како што имала Москва.
Во раните 1990-ти, во врска со распадот на СССР, овие советски советници останаа безмалку на улица. Никој за ништо не ги бараше и никој не ги контролираше. Некои од нив продолжија да испраќаат информации на старата адреса, но тоа беше повеќе израз на добра волја отколку обврска.
Една од првите работи што Путин ги направи веднаш штом ја презеде власта беше да стави ред во системот на советските советници. И не само тоа – тој целосно го реформира и реорганизира системот. Воведе железен ред и дисциплина, координација и подреденост. Исто така, го прошири системот со регрутирање многу нови кадри, главно од бугарско етничко потекло (наведените русофили). Старите кадри останаа извесно време за да им пренесат искуство на своите помлади колеги и исто така да ги воведат во различни оддели на вашата држава. Сега ги има насекаде.
Сега во вашата земја работи моќна руска резидентура, составена од 200 ќелии, со по 3 до 20 луѓе, командувани од руски генерал. Тие се имплементирани во сите ваши владини институции и одделенија, вклучувајќи ги и тајните служби, армијата, полицијата и институциите директно одговорни за безбедноста на вашата земја (најверојатно мислеше на ДАНС). Сега, и квантитативно и квалитативно, со оглед на можностите на новите технички средства за комуникација, протокот на информации од Бугарија до Кремљ е многукратно помоќен и погуст отколку во времето на социјалните медиуми – рече, меѓу другото, Гордиевски во спомнатото интервју.
Колку и да се земаат неговите зборови со резерва, сепак заслужуваат внимание, особено сега, по најновиот развој на настаните што ја разбрануваа бугарската јавност, по објавувањето на извештајот на ДАНС.