В.д. директорот на ЈП „Градски паркинг“, Бојан Христовски, денеска на Фејсбук сподели дека се повлекува од раководната позиција во претпријатието. Набргу потоа, оставка најави и првиот човек на депонијата „Дрисла“, Јане Мицевски, исто така преку Фејсбук..
Денеска навршуваат точно 8 месеци од моето именување за в.д. директор во ЈП Градски паркинг Скопје. На 13 јануари оваа година беше мојот прв работен ден во ова претпријатие, а денес е мојот последен ден на оваа позиција, се вели во објавата на Христовски.
Влегов со план и визија, со посветеност, професионализам и со континуирана работна динамика, и сето тоа со цел да им овозможам на сите граѓани подеднаков третман и подобри услови за услугите кои ги пружа ова претпријатие.
Но сепак морам да истакнам дека градот Скопје е комплексен систем на институционално управување во кои се испреплетени повеќе фактори. Тимската работа на градоначалникот и јавните претпријатија е неопходна, токму затоа нарушената координација е сериозна опасност за непречено функционирање на скопската локална самоуправа, а тоа е секако на штета на граѓаните. Дополнително вчера бевме сведоци на политичко-медиумска конструкција против директорот на едно јавно претпријатие и секретарот на Град Скопје, при што без никакви факти и аргументи истите беа експресно „елиминирани“. Значи тоа се случува кога мерило за успехот не се резултатите, туку игрите кои се рефлексија на други поинакви интереси од колективните. Сето ова покажува дека многу малку или воопшто не се посветува внимание на она што беше ветено пред граѓаните за модерно Скопје, и јас како поединец и покрај бројните резултати за кус период не сакам да бидам дел од систем каде приоритет не се нашите цели и проекти, и каде нема поддршка од Градот ниту, пак, има нормална комуникација со градоначалникот. Затоа поради незаинтересираноста на првиот човек на градот за потребите на скопјани и градски паркинзи, како и поради драстично намалената поддршка на проектите кои со сопствени средства ги реалираме денес, поднесувам неотповиклива оставка од позицијата в.д. директор на ЈП Градски паркинг – Скопје.
Зад мене остануваат повеќе тековни активности и новитети, но и суштински проекти имплементирани во претпријатието од кои би ги издвоил:
– Финансиска стабилност и самостојност и покрај намалувањето на цените за зонско паркирање од 25% со кој се излезе во пресрет на потребите на скопјани,
– Реновирање, осветлување и молерисување на катните гаражи
– Зголемена хигиена на сите паркиралишта
– Обележување на регуларни паркинг-места и места за лица со попреченост
– Возобновување на услугата шлеп-служба
– Бесплатно паркирање за крводарители и повластени цени за специјализанти
– Зголемена транспарентност преку редовна комуникација со медиуми, функционалност на веб-страница и нова ФБ-страница
– Набавка на нова ХТЗ опрема за сите вработени
– Набавка на 70 нови дигитални уреди за контрола на паркирањето
– Надградба на системот за зонско паркирање (СМС-потсетник за паркирање и тн.)
– Пос терминали на сите паркинзи
– Подобрување на услугите на паркиралиштето на Клиничкиот центар (нов наплатен пункт, поставување на вертикална и хоризонтална сигнализација, во крајна фаза нови 2 паркомати и „при-пејд“ картички со 20 минути транзит период итн/)
Сите овие, но и останатите новитети би биле невозможни без големиот број исклучително квалитетни и креативни професионалци и ентузијасти на кои сум им бескрајно благодарен за нивните напори за остварување на програмските цели. Динамичната работа и позитивниот притисок носат резултати. Поради тоа, со задоволство истакнувам дека позицијата ја напуштам со мојата последна одлука, а тоа е иницијатива до управниот одбор за заслужено линеарно зголемување на основната плата на сите вработени во вредност од 3.000 денари.
Сметам дека успесите на „Градски паркинг“ постигнати во едни тешки околности се значајни да ги истакнам. Тие ќе беа уште поголеми доколку имаше целосна поддршка од Градот и градоначалничката. Во мојот живот борбата за принципите во кои верувам се поважни од функцијата. Влегов достоинствено, излегувам со чист образ. Нема да дозволам кој било, а најмалку луѓе кои имаат поинакви приоритети од тие поради кои се избрани од народот, и поради лични политички игри тоа да го извалкаат“.
Мицевски исто така ги образложи причините за најавената оставка.
Како директор на депонијата Дрисла сакам да посочам дека во овој десет месечен период откако го превземав претпријатието направив стабилизација и негова консолидација и отпочнав со процес на инвестиции кои се во насока на подобрување на работата на истото. Но секој индивидуален успех на било кое претпријатие не е целосен доколку истото не добие потркепа од колективитетот во кој Дрисла мора да функционира, а тоа е Градот и нејзиниот прв човек. Морам да го истакнам немањето на координација и достапност со градоначалничката Арсовска и покрај бројните мои обиди тоа да биде сменето. Во такви едни услови сметам дека првенствена задача за еден градоначалник не смее да биде личната пресметка и хајка кон поединци, каква што видовме вчера, туку посветување на приоритетите и проектите кои се основна задача. Дополнително Дрисла се соочува со сериозен проблем поради сметките за струја кои се сериозен удар на претпријатието, а за жал до сега претпријатието нема никаква поддршка од Градот Скопје. Поради сето ова јас денес си поднесувам неотповиклива оставка од местото прв човек на Дрисла.
Навистина благодарам до моите соработници во претпријатието со кои заеднички дојдовме до резултати за кус период.
-Горд сум што за 9 месеци успеавме за Дрисла да набавиме нова сопствена механизација. Набавени се 4 нови градежни машини, од кои 2 булдожери и 2 натоварувачи
-Со цел осовременување на депонијата и обезбедување подобри услови за работа на вработените, обезбедени се два нови монтажно/демонтажни деловни објекти за потребите на работниците.
-Обезбедивме линеарно зголемување на платите од 2880 денари за секој вработен, како и исплата на заостанат регрес за годишен одмор за 2021 година.
-Инсталацијата за стерилизација на медицинскиот отпад (автоклав) е пуштен во пробна употреба, а во јули 2022 година со добивање дозвола за работа со што е направена измена во А – интегрираната еколошка дозвола почнува официјално со употреба.
Системот обезбедува и еколошка безбедност и не дозволува воздухот што го испушта стерилизаторот да ја загадува околината.
На крајот, сакам да истакна дека вработените кои беа дел од мојот тим можат да посведочат дека преку мојот начин на менаџирање успеав да сменам многу пракси на директорите од минатото. Личните привилегии никогаш не ми претставуваа приоритет како што се личен возач, репрезентација, патувања, службен телефон и слични непродуктивни трошоци чија ставка е нула. Одговорноста спрема граѓаните е поважна од сечиј друг личен интерес и амбиција. Од Дрисла излегувам со крената глава, бидејќи резултатите се очигледни, напиша Мицевски на Фејсбук.