Франција смета дека Велика Британија, Норвешка, Швајцарија, Исланд и Лихтенштајн ќе бидат доволно примамливо друштво за актуелните кандидати за членство, кои полека низ годините сè повеќе ќе се ориентираат кон новата реалност, која веќе се реализира. Се стеснуваат ли со тоа перспективите за влез во ЕУ за
Македонија и за земјите од нашиот регион?
Државите што се претпоставен дел од идните одржливи партнерства сѐ повеќе гравитираат кон нов сојуз
Франција не отстапува од реализација на идејата за формирање европска политичка заедница и веќе почнуваат да се наѕираат нејзините контури, колку некој и да не сака да ги види, како и начинот на нејзина реализација, без оглед на изјавите што доаѓаат од страна на високите европски челници дека процесот на проширување на Унијата е независен од оваа иницијатива зад која е извесно дека не стои само Франција.
Забрзани консултации за нов облик на сојуз
Тоа го покажуваат и чекорите што се прават на терен и кои одат во насока на новата европска асоцијација составена од земји што преговараат за членство во Унијата, со земји што и досега имаа блиска соработка со ЕУ, а кои немаат аспирации за членство, како и со земји чија европска перспектива не е планирана во поблиска иднина.
Имено, на почетокот на октомври во Прага ќе се одржи средба на која ќе учествуваат шефови на држави или влади на 44 европски земји, меѓу кои и на Македонија. Покрај 27-те членки на ЕУ, на состанокот се поканети и претставници од шест држави од Западен Балкан, како и на Украина, Турција, Велика Британија, Швајцарија, Норвешка, Исланд, Лихтенштајн, Молдавија, Грузија, Ерменија и Азербејџан.
На состанокот, меѓу другото, би требало да се разговара за руската операција во Украина и за енергетската криза, како и за економската состојба, а по оваа средба ќе се одржи и неформален самит на ЕУ на 7 октомври.
Очигледно замислата на Макрон добива поддршка и од другите европски партнери, па новата европска политичка заедница, во која според поканите се најдоа 17 европски земји што се надвор од Унијата, отвора можност ЕУ да ги привлече цврсто кон себе овие партнери и да ги држи само како блиски партнери, без потреба за евентуално нивно идно зачленување. Франција смета дека Велика Британија, Норвешка, Швајцарија, Исланд и Лихтенштајн ќе бидат доволно примамливо друштво за актуелните кандидати за членство во Унијата, кои полека низ годините, соочувајќи се со бавниот процес на зачленување и недостигот од волја за вистински реформи, сè повеќе ќе се ориентираат кон новата реалност.
Дали Македонија попусто направи тешки жртви?!
Во еден таков контекст се наметнува и дилемата зошто Македонија толку брзаше и ги направи сите жртвувања на сопствената историја и идентитет, кога и без тоа можеше да стане дел од таа нова европска политичка заедница.
Поранешниот вицепремиер за европски прашања и амбасадор Ивица Боцевски гледа почетни чекори во формирањето на таа европска политичка заедница, но, според него, сè ќе зависи од интересот на земјите да партиципираат во ваквото друштво.
– Апсолутно ова наликува на исцртување на некакви контури на европската политичка заедница. Тоа е тој круг каде што ЕУ го гледа своето пошироко влијание во секоја смисла. И во смисла на заедничкиот пазар што е најбитно за нив, и во смисла на идни проширувања или идни специјални врски – вели Боцевски.
Според него, сите овие идеи понекогаш се тестираат на вакви првични состаноци и ако се покаже дека функционираат, нормално е и во иднина да се турка овој проект.
– Ова е еден вид чекор во таа насока. Нормално, кризата околу енергијата и војната во Украина ја предизвикуваат оваа ситуација. Ова, всушност, е вклучување на земјите што се претпоставен дел од идните европски партнерства. Се бара некаква форма, ова е сега ад хок форма, а дали таа форма во иднина ќе прерасне во постојана форма ќе зависи од тоа дали има интерес меѓу земјите да продолжи тоа – истакнува Боцевски.
Тој е убеден дека сите жртви што Македонија ги направи се целосно непотребни и дека и без тоа таа ќе станеше дел од некаква европска политичка заедница.
– Ова што го направи Македонија е избрзано бидејќи во овој момент во ЕУ нема никаква одлука за проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан, така што нашето брзање беше тотално стратегиско промашување. И да не ги направевме отстапките, повторно ќе нè поканеа во таа заедница – заклучува Боцевски.
Несомнено, францускиот претседател сака да ги држи поблиску и земјите од Западен Балкан, но и другите како дел од европската стратегија, а во тие рамки не се исклучува можноста во ова ново политичко друштво да се вклучат и земјите од другата страна на средоземноморскиот регион, што ќе ѝ овозможи на Европа огромен пазар и уште подобро геостратегиско позиционирање и влијание. Како ќе се одвиваат работите најдобро ќе покаже периодот што следува, односно ќе биде многу појасно дали европската политичка заедница ќе стане примамлива алтернатива за членството во ЕУ или, пак, темелна подготовка на кандидатите пред зачленување во Унијата.