Боите на Македонија, покрај Нуров и Егоров, ќе ги бранат уште Алили, Вејсели и Митров. Нуров е носител на бронзен медал од СП 2019, а Егоров годинава стана европски првак

БОРЕЊЕ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО БЕЛГРАД

Македонските борачи во слободен стил, Владимир Егоров (категорија до 57 кг), Бесир Алили (до 61 кг), Фати Вејсели (до 70 кг), Дејан Митров (до 79 кг) и Магомедгаџи Нуров (до 97 кг), ќе настапат на Светското првенство (СП), кое до 18 септември ќе се одржува во Белград (Србија). Моментно во тек се натпреварите во грчко-римски стил.
Нуров е носител на бронзен медал од Светското првенство во 2019 година, кое се одржа во Казахстан, а настапи и на ланските Летни олимписки игри во Токио (Јапонија), а Егоров годинава стана европски првак на шампионатот во Будимпешта (Унгарија).
– Македонските борачи се добро подготвени, посакувам добра жрепка и секако добри борби на душекот. Очекувам да се борат за медал Нуров и Егоров како најквалитетни борачи. Ждрепката е в среда, а прв настапува Егоров в четврток. Јас, Митров и Егоров патуваме за Белград во вторник, Нуров ќе пристигне директно таму од Белорусија, а другите двајца борачи се веќе таму каде што имаше и боречки камп – ни изјави селекторот на репрезентацијата на Македонија, Бобан Данов.
Борењето е најтрофејниот македонски олимписки спорт, со по едно злато и сребро и три бронзи. Г.И.