Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата упатува апел до возачите на моторни возила и другите учесници во сообраќајот да бидат особено внимателни во близината на воспитно-образовните установи, а кон децата и нивните родители и/или воспитувачи/наставници – да ги запознаат и да ги потсетуваат децата на основните правила и прописи во сообраќајот заради осигурување на нивната безбедност во сообраќајот на патиштата

ГЛАСНИ ПРЕДУПРЕДУВАЊА ОД ОБЛАСТА НА БЕЗБЕДНОСТА НА СООБРАЌАЈОТ НА ПОЧЕТОКОТ НА УЧЕБНАТА ГОДИНА

На прагот на учебната година, кога речиси сите дечиња почнуваат да одат или во градинки или во училиштата, особено е важно да се обрне внимание на сообраќајната свест и култура. Децата се една од најранливите категории учесници во сообраќајот. Многумина од нив сами одат на училиште, преминуваат високоризични улици. Како граѓани, сите сме свесни дека културата на возачите во земјава не е на завидно ниво. Токму затоа надлежните одлучија на почетокот на учебната година да го свртат јавното внимание кон најмладата категорија учесници во сообраќајот – децата.

ВОЗАЧИ, ВНИМАВАЈТЕ НА ДЕЦАТА

Започна новата учебна година, што значи огромен број деца ќе се упатат кон градинките и училиштата. Токму тие, децата што пешачат или управуваат велосипед, тротинет и слично, се најмалите учесници во сообраќајот и неопходно е да знаат како да сe однесуваат во него.
– РСБСП упатува апел до возачите на моторни возила и другите учесници во сообраќајот да бидат особено внимателни во близината на воспитно-образовните установи, а кон децата и нивните родители и/или воспитувачи/наставници – да ги запознаат и да ги потсетуваат децата на основните правила и прописи во сообраќајот заради осигурување на нивната безбедност во сообраќајот на патиштата – информираат од РСБСП.
На децата што возат велосипед или тротинет, оттаму им препорачуваат да носат заштитен шлем – кацига, да возат со пропишаната брзина и да ги почитуваат сообраќајните правила и другите учесници во сообраќајот, како и да управуваат со исправни и означени велосипеди и тротинети.
Токму затоа на сите улици каде што има училишта или градинки, надлежните имаат поставено сообраќајни знаци, кои треба да ги предупредат возачите дека треба да се внимателни во возењето, бидејќи во непосредна близина има мали деца. На овие улици, вообичаено ограничувањето на движењето на возилата изнесува 30 километри на час, а има и забавувачи на сообраќајот, кои дополнително треба да го спречат дивеењето на возачите.

НЕОПХОДНИ СЕ ПОСЕБНИ СОВЕТИ И ДО РОДИТЕЛИТЕ

Родителите се тие што со своите примери директно влијаат на однесувањето на децата кога преминуваат улици.
За жал, честа е сликата во Скопје, па и во другите градови, кога родителите заедно со своите деца преминуваат улици на непропишани места, односно на улици без обележани пешачки премини, претрчуваат преку жардиниери, а често дури и покрај црвеното светло за пешаци на семафорот, држејќи ги децата за рака, тие трчаат што побрзо да ја преминат улицата.
Дека тоа е навистина така говорат и многубројните сведоштва на граѓаните, кои велат дека за таквото однесување нема никакво оправдување.
– Еден ден да седи полицијата некаде затскриена кај нас на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош, има да напише стотици казни за непрописно преминување улица. Имаме сериозен проблем со деца што претрчуваат преку булеварот, а уште поголем проблем се оние деца што го прават тоа со своите родители или роднини. Во неколку случаи реагирав кога така преминуваат и, наместо извинување, добив пцости и навреди – вели Синиша Димовски.
Дополнителен проблем се децата на велосипеди и тротинети, кои возат на самите сообраќајници, буквално возат пред возилата, блокираат цели ленти со несовесното возење, па на тој начин си го ризикуваат сопствениот живот.


Препораки за децата

  • Да ја поминуваат улицата само на обележан пешачки премин.
  • Да не претрчуваат преку улица.
  • Да ја почитуваат сообраќајната сигнализација т.е. да преминуваат улица само кога свети зеленото светло на пешачкиот семафор.
  • Особено да бидат внимателни кога се движат во услови на намалена видливост т.е. дожд и магла (по можност да носат светла облека или рефлектирачко елече).
  • Да не преминуваат помеѓу возила во движење.
  • Да не користат мобилен телефон или слушалки при преминување улица.
  • Да внимаваат кога се движат на паркинзи.