Нѐ очекува голем предизвик против Веспрем, еден од најдобрите клубови во светот. Треба да играме слободно и тука ја гледам нашата шанса, вели стратегот на битoлчани, Данецот Ларс Валтер

РАКОМЕТ – ФАЈНАЛФОР-ТУРНИР ВО РЕГИОНАЛНАТА ЛИГА

Со денешните полуфинални дуели помеѓу Нексе – Загреб (18 ч.) и Веспрем – Еурофарм Пелистер (20.30 ч.) денеска започнува 11-то издание на завршниот фајналфор-турнир во Регионалната лига (РЛ), кој трета година во низа се игра во спортската сала „Крешимир Ќосиќ“ (6.500 гледачи) во хрватскиот град Задар. Победниците од полуфиналните средби ќе играа во финалето в недела (19 ч.), а поразените за третото место (16.30 ч.). Лани титулата ја освои унгарскиот гигант Веспрем (четирикратен европски вицепрвак), по изведувањето на пеналите (27-27) го совлада Загреб со 4-2.
Ова е историски прв настап на битолчани предводени од новиот стратег, Данецот Ларс Валтер, во завршница на РЛ, откако во четврт-финалето Еурофарм Пелистер го елиминира на свој терен Мешков (27-26), но по изведувањето седмерци. Досега двапати има играно во РЛ, но не успеал да стигне во завршницата. Тимот годинава претставува спој на домашни играчи и искусни интернационалци, од кои би ги издвоиле словенечкиот голман Урбан Лесјак, кој дојде од бундеслигашот Хановер, Тунижаните Мохамед Суси и Усама Хосни, Французинот Руди Сери, Португалецот Вилсон Дејвис, Црногорецот Мирко Радовиќ, Русинот Денис Василев. Од домашните тука се веќе искусните Жарко Пешевски, Гоце Ојлески, Бојан Маџоски, Мартин Велковски…

– Наша цел беше да стигнеме на фајналфор и сега нѐ очекува голем предизвик против Веспрем, еден од најдобрите клубови во светот. Треба да играме слободно и тука ја гледам нашата шанса. Од недела на недела сите заeдно учиме. Се надевам дека нема да направиме многу грешки и сакаме секој меч да ни биде што е можно подобар – вели тренерот Валтер.
Во досегашната историја во РЛ настапиле вкупно 29 клуба од 13 држави, а од Македонија, Вардар (10 пати), Металург (7), Пелистер (2), Струмица (1). На фајналфорот, пак, играле девет клуба од седум држави (Вардар, Металург, Загреб, Нексе, Целје, Татран, Мешков, Веспрем, Мотор). Завршниот турнир се играл по двапати во Скопје и во Брест, а по еднаш во Загреб, Нови Сад, Вараждин и во Веспрем, додека Задар е рекордер, оти годинашниов ќе биде трет во низа. Најмногу публика на фајналфор-турнир имало во 2016 Вараждин (20.611 гледачи), а финалето го следеле 5.486. Титули во РЛ досега освоиле три клуба од три држави. Најмногу Вардар, пет пати (2012/2014/2017/2018/2019), Веспрем четири пати и Загреб еднаш. Од македонските претставници, Металург има освоено едно второ (2012) и едно трето место (2013). Г.И.