Да не се рече не се држам до зборот дека одвреме-навреме ќе пишувам „светли“ и убави теми, еве, денес ќе се занимавам со рајот. Зошто? Затоа што кога ќе влеземе во Европската Унија ќе стигнеме во рајот. Така, со таа реченица, нѐ убедуваат домашните политичари и лицемерните странци што многу ветуваат, а ништо не исполнуваат. Засега, иако сме блиску до пеколот, од другата страна на светот нѐ чекаат отворените врати на рајските градини. Со темпото што не запира, најверојатно, некој ден, некоја вечер, некои генерации ќе чујат дека е постигната и таа цел, на голема радост на сите поданици, кои од сегашниот земен, ќе живеат иден, рајски живот. Ќе се чуе, ама нема да се види.
Додека чекаме да стигнеме таму кај што ќе стигнеме, да се потсетиме како, според митологијата и теологијата, е создаден митот, како изгледа и како се живее во рајот. Не е невистина ако се каже дека ниту еден мит не заинтригирал толку луѓе како оној за Рајската градина, во која, наводно, сѐ почнало и каде што настанала човечката раса. Од Адама и Ева до денешните пратеници. И место каде што продолжува животот по смртта, но само за праведните, оние што ништо не погрешиле на овој свет, ако такви некогаш постоеле, сега уште помалку.
Со милениуми не запрело кршењето копја дали постои или не постои. Некои тврдат дека рајот е само човечка библиска измислица, други дека сигурно постои. Иако никој досега од него не се вратил за да ја каже вистината. Најверојатно не сака да се врати знаејќи ги гадостите на земјата. Некои тврдат дека постои само на небото, за разлика од пеколот кого го сместуваат длабоко во земјата.
Со векови разни теолози, високосвештени лица, филозофи, хроничари, фрескописци и иконописци, поети и романописци, резбари и слепи раскажувачи со посебна творечка фантазија го имаат сликано и опишувано до најситните детали.
Во имагинацијата рајот најчесто се прикажува како градина со бујна и разнобојна вегетација, со разгранети дрвја, мноштво растенија, мирисливи билки, бистри води изворски. Во него владеат вечна пролет и светлина, нема проблеми со струја и греење. Се носат скапоцени облеки, насекаде мириса на опојни парфеми. Низ Рајската градина бликаат извори што мирисаат на камфор и ѓумбир, течат потоци со брзи води. Во рајковината (ако има татковина, мора да има и рајковина) реките се полни со злато, со бисери и рубини и скапоцениот камен оникс. Низ улиците течат мед и млеко. На плодната земја со блага клима, распослани се широки зелени ливади. На коњ што галопира му се потребни сто години за да излезе од сенката на дрвјата со разни плодови.
Секој ден е празник што се слави со гозба. Се служат деликатесни јадења сервирани во златносребрени садови. Кој со што сака, со тоа може да се послужи. Се пијат врвни вина и овошни еликсири, се живее вечен живот. Сигурно има и секс, но тоа не го пишува во книгите. Како не би имало кога послужуваат бесмртни девојки, убави како штотуку извадени бисери. Според некои религии за јунаците од земскиот свет, за оние што ќе загинат за некое свето дело, на располагање секој ден им стојат 111 најубави чедни девици.
Некој фанатик пресметал дека еден рајски ден вреди колку илјадa дена на земјата.
За тамошните жители, за кои никогаш не е направен попис, сите нивни поими биле предимензионирани, преувеличени. За што и да било кажувано, се кажувало дека било трипати поголемо, повисоко, потешко и поуспешно од нормалното на земјата. Зрното грозје било големо колку портокал, јаболкото имало големина на глава, влакното било ортома, пердувот тежел колку цел петел. Немало црни информации, немало лажни вести, немало ни вести зашто ништо лошо не се случувало.
Во рајот лицата на сите жители им блескаат од задоволство, насмевката не им се симнува од лице зашто сите од ред имаат чист образ. Таму не бил познат, како што е познат на земјата, изразот – ѓон образ. Таму свири прекрасна музика, се пеат многу песни, рајскиот народ е многу музикален. Луѓето живеат среќен, спокоен и безгрижен живот. Нема сиромаштија, нема борба за плата, за гол живот, нема болни, незадоволни бунтаџии, нема необјективни и неконструктивни критичари и песимисти. Ништо не е во дефицит, сѐ е во суфицит. Нема социјално осигурување, сѐ е бесплатно, децата сѐ знаат иако нема информација дали таму има мобилна мрежа и таблети за мирно детство.
Овие благодати што ги има во рајот некои ги објаснуваат со фактот што во него нема партии, нема националности, меѓунационални односи, социјални и религиски разлики. Животот врви во мир, духовна невиност и наивност. Рајот, како што може да се заклучи, е едно општество за сите. Некои строги аналитичари тврдат дека доколку во рајот влезат партии и политичари ништо не ќе остане од него. Брзо би пропаднал како што пропаѓаат држави.
Како што не се стигнува лесно до Европската Унија така не е лесен патот и до рајот. Треба да се отворат осум врати, секој рајски кат има сто скалила. На небото клучевите ги држи Свети Петар. Едниот, златниот клуч му е да ги отвора вратите на рајот, а другиот, железниот за вратите од пеколот.
На земјата, на патот на Македонија кон двете насоки, како што стојат работите, клучевите ги држат Софија, Вашингтон и Брисел, нивните главни глави.
Не мора да се биде верник за да се верува дека Бог откако за шест дена го создал светот, и откако седмиот отпочинал од уморот, насадил рај во Едем. Таму ги населил сите птици небески и сите полски и водни животни. Во таа рајска градина го сместил првиот човек со име Адам. Притоа му дал заповед од секое дрво на градината да може да јаде, освен од дрвото за познавање на доброто и злото, кое растело до дрвото на животот. Потоа од реброто Адамово ја создал првата жена Ева.
Брачната двојка живеела среќно во Рајската градина додека змијата не ја натерала Ева таа и Адам да каснат плод (јаболко) од дрвото за познавање на доброто и злото. Штом каснале од забранетото овошје, им се отвориле очите – ја виделе реалноста – виделе дека се голи. Кога го дознал тоа Господ, страшно се налутил, ја казнил змијата цел живот да јаде прав и да се влече помешечки. Ја казнил Ева (жената) со тоа што ѝ ги умножил маките при бременоста и болките при раѓањето деца, а Адама (мажот) го осудил со мака и со пот да се храни целиот живот. И ги изгонил од рајот, затоа што Адам (човекот) се доближил до Бога, затоа што веќе знаел да разликува што е добро, што е зло, што е вистина, а што лага. И претставувал закана да му го земе местото.