Фото: Пиксабеј

Астмата е хронично заболување со епизоден карактер на влошувања на болеста и мирни периоди (циклична болест). Основна цел при лекување на астмата е постигнување и одржување на што подобра контрола на болеста, со минимум терапија и несакани ефекти од неа

Автор: Д-р Смиљко Јованоски, супспецијалист пулмоалерголог

Астмата е хронично инфламаторно заболување на дишните патишта во кое играат улога многу клетки и клеточни елементи. Хроничното воспаление е придружено со хиперреактивност на дишните патишта, која доведува до повторувачки епизоди на свирење во градите, недостиг на здив, стегање во градите и кашлица, особено навечер или рано наутро.
Пациентот со астма се жали на болка во градите, стегање во градите, чувство на недостиг на здив, гушење, отежнато дишење, досадна кашлица.

Она што е корисно да се знае е: Дали пациентот почувствувал свирење во градите? Во кое време од денот/ноќта се јавуваат симптомите? Дали пациентот е активен или поранешен пушач? Дали пациентот често има респираторни инфекции и потреба од антибиотици?
Многу е битно да кажеме што најмногу ги поттикнува симптомите: физичка активност, чад од цигари, временски промени или сезони, јаки мириси, дали некој од фамилијата има слични проблеми?

Тригер-фактори кај астмата

Поттикнувачи или тригер фактори за астмата се: прашина и загадувачи, вежби/ физичка активност, вирусни инфекции, психолошки фактори (пример стрес, емоции), одредени лекови (на пример „аспирин“, бета-блокатори), климатски промени, студен воздух, алергени (полен, животински влакна), домашна прашина, полен и спори на мувла, животинско крзно и пердуви, храна. Постои и т.н. професионална астма, кога болеста е поврзана со работното место.

ДИЈАГНOСТИЧКА ПОСТАПКА

Чекор 1: Поставување на сомнение на астма (иницијална дијагноза)

При анамнезата лекарот прашува:
-Дали имате кашлица која трае повеќе месеци и ве вознемирува или буди во ноќните/раните утрински часови?
-Дали сте почувствувале свирење во градите или отежнато дишење?
– Дали кашлате или ви свират градите по физички напор или вежбање?
-Дали тешкотиите ви се појавуваат или влошуваат по престој во средина
во која се пуши, има влага или јаки мириси?
-Дали имате чести настинки и дали тие редовно ви „се спуштаат во градите“?
– Дали тешкотиите се намалуваат по примање на лекови за астма?

Чекор 2: Oпшти дијагностички процедури
-Рутински лабараторсики иследувања, рентгенска снимка на бели дробови и параназални синуси, ЕКГ…

Чекор 3: Мерење на белодробната функција, степенот и реверзибилноста на обструкцијата на дишните патишта

КЛАСИФИКАЦИЈА НА ПАЦИЕНТИТЕ СО АСТМА

Контролирана астма – кога пациентот има дневни симптоми, два или помалку од два неделно, кога нема ограничување во активности, нема ноќни симптоми/будење, има потреба од олеснувачи, два пати или помалку од два пати неделно, белодробната функција PEF-врвен издишен проток) или FEV1( форсиран експираторен волумен во првата секунда) e нормална, нема влошување.

Делумно контролирана – има дневни симптоми повеќе од два пати неделно, има какви било ограничувања на активности, има какви било ноќни симптоми /будење, има потреба од реливер повеќе од два пати неделно, белодробната функција PEF-врвен издишен проток или FEV1- форсиран експираторен волумен во првата секунда е до 80% од предвидениот максимум, има екзацербации има еднаш или повеќе во годината.

Неконтролирана астма – три или повеќе карактеристики на делумно контролирана астма присутни во една година, екзацербации еднаш во било која недела.

Медикаменти за контрола на астма:
• ICS-инхалирачки кортикостероиди
• Антилеукотриени или модификатори на леукотриени (montelukast, zafirlukast, pranlukast, zileuton), тоа се лекови кои се спротивставуваат на фукцијата на овие воспалителни посредници леукотриени кои се произведуваат од имунолошкиот систем и служат за потикнување на бронхоконстрикција, воспаление, секреција и слуз кај Астма и ХОББ. Антагонистите на леукотриенските рецептори се лекои кои се користат во лековање на овие болеси, се ефикасни за лекување на одредени нарушување на мастоцитите

• Теофилини со долго дејство
• Долгоделувачки бета2 агонисти, долгоделувачки антагонисти на мускуранинските рецептори
• Анти IgE (omalizumab) моноклонално антитело кој се користи во алергиските респираторни заболувања, кој е одобрен за третман на алергиската aстма, т.е тешка перзистентна астма, кој е лошо контролирана и покрај комбинираната терапија
• Орални глукокортикоиди
• Антиген специфична имунотерапија

Ослободувачи на симптоми (реливери):
• Бета 2 агонисти со брзо дејство-salbutamol
• Антагонисти на мускаринските рецептори со кратко (ipratropium) и со долго дејство („тиотропиум“)
• Теофилини со кратко дејство

Ослободувачи на симптоми и во исто време контролери со долго дејство:
• Долго делувачки бета 2 агонисти (salmeterol, formoterol)- кои го зголемуваат ФЕВ1 (форсираниот експираторен волумен во првата секунда), ги намалуваат симптомите (ннд А)
• Долгоделувачки мускарински рецптори (tiotropium) –кои го зголемуваат ФЕВ1(форсиран експираторен волумен во првата секунда), ги намалуваат симптомите (ннд А)
• Метилксантини со долго дејство

Не се препорачува давање на:
• Бета блокатори
• Седативи
• „Аспирин“ и аналгетици-инхибитори на COX1
• Муколитици и експекторанси

За сите пациенти со астма: Користење на брзо делувачки бета 2 агонисти – салбутамол, самостојно (без ICS-инхалаторен кортикостероид) не се препорачува повеќе.

Многу е важно да има партнерски однос помеѓу лекарот и пациентот

-Да се даде совет за редуцирање на ризик факторите
-Информација за природата на болестите (хронични)
-Објаснување што претставува секој препорачан лек, зошто е вклучен во третманот и што треба пациентот да очекува од него
-Инструкции како да се користат инхалерите
-Инструкции што пациентот да прави (самоменаџирање) при акутно влошување на состојбата
-Информации за можни компликации доколку пациентот не е дисциплиниран

Одлука за отпочнување на терапија односно регрутација кон секундарно/терциерно здравство

Пациентот се препраќа кон секундарно или терциерно здравство при:

– Процена на тежина на болеста и степен на контрола
-Идентификација на преципитирачки фактор за епизодните симптоми
-Идентификација на коморбидни состојби
-Процена на способноста на болниот за само менаџирање на влошената состојба

Третман на егзацербација на астма во примарната здравствена заштита

• Главната почетна терапија вклучува повторувачка администрација на бронходилататори со кратко дејство, заедно со инхалираниот кортикостероид, рано воведување на системски кортикостероиди и контролирано дополнување на кислородот. Целта е брзо да се олесни опструкцијата на воздухот и хипоксемијата, да се спречи релапс.
• Инхалирани бета-агонисти со кратко дејство (за благи до умерени егзацербации,заедно со инхалираниот кортикостероид
• Терапијата со кислород треба да се титрира, во зависност од пулс-оксиметрија (ако е достапна) за да се одржи кислородна сатурација од 93-95%
• Кортикостероидна терапија треба да се даде веднаш, особено ако пациентот се влошува или веќе ги зголемил своите лекови.Терапијата треба да се продолжи за 5-7 дена
• Пациентите треба да се советуваат за чести несакани ефекти, вклучувајќи нарушување на спиењето, зголемен апетит, рефлукс и промени во расположението
• Пациентите кои веќе имаат препишано лекови, треба да добијат совети за зголемување на дозата за следните 2-4 недели
• Антибиотици (не се препорачува)
• Доказите не поддржуваат улога на антибиотици кај егзацербации на астма, освен ако не постојат силни докази за инфекција на белите дробови (на пример, треска и гноен спутум или радиографски докази за пневмонија).
• За време на третманот, пациентите треба внимателно да се следат. Пациентите кои имаат знаци на сериозно или опасно по живот кои не реагираат на третман или кои продолжуваат да се влошуваат, треба веднаш да се пренесат во установа за акутна нега.

Астмата е хронично заболување со епизоден карактер на влошувања на болеста и мирни периоди (циклична болест). Основна цел при лекување на астмата е постигнување и одржување на што подобра контрола на болеста, со минимум терапија и несакани ефекти од неа. Неоподен е заеднички третман на алергискиот ринит и астма.
Многу е важна едукацијата на пациентите за правилната употреба на лековите и информираноста на пациентите за можноста за постигнување на потполна контрола на болеста

Астмата е голем здравствен проблем во светот. Улогата на семејниот лекар е клучна за нејзино третирање. Рано откривање, соодветен третман и следење на пациенти со астма дава повеќекратен бенефит.