Мирослав Лајчак и Габриел Ескобар на средба со косовските Срби/Фото: Твитер - Мирослав Лајчак

Србија и Косово го решија прашањето на слободно движење на граѓаните преку границите, како што истакна вчера шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, но допрва мораат да го решат горливото прашање за регистарските таблички на автомобилите.

Тоа е жестоко оспорувана тема што неодамна доведе до тензии кога Србите од Косово се побунија бидејќи од нив ќе се бара да користат косовски регистерски таблички, како и специјални документи за влез на Косово преку Србија. Незадоволните Срби излегоа на протести и поставија барикади, со што почнаа да се шират шпекулации за судири со косовската полиција.

Досегашните разговори помеѓу косовските и српските власти, во кои учествуваа и претставниците на ЕУ и на САД, Мирослав Лајчак, односно Габриел Ескобар, не дадоа резултати околу регистарските таблички. Косовската влада под притисок од САД претходно ја одложи примената на одлуката за нивно воведување од 1 август на 1 септември.

Пораките на европско-американската дипломатска мисија ангажирана на доближување на ставовите на Косово и Србија во врска со отворените прашања помеѓу двете страни, укажуваат дека проблемот не е решен, и покрај тоа што такво нешто не е јавно изречено, смета Камерон Мантер, пензионираниот американски дипломат и поранешен амбасадор во Србија. Тој е уверен оти т.н. шатл-дипломатија на западните партнери уште не е завршена.

– Секогаш до последен миг постои начин за постигнување решение. Но доколку тоа не се случи до 1 септември, би можело да има насилство. Не само поради целите или ставовите на одговорните во Приштина и во Белград, туку и поради реакциите на луѓето на теренот – кажа Мантер, за „Гласот на Америка“, додавајќи оти верува дека Александар Вучиќ и Албин Курти не сакаат да се случи насилство, односно дека се посветени на мирно решение.

Борел вчера на Твитер објави дека Србија се согласила да ги укине документите за влез и излез на имателите на косовски документи, а дека Косово се согласило да не воведува такви документи за оние кои имаат српски лични карти. Тој додаде дека косовските Срби, како и сите други граѓани, ќе можат слободно да патуваат меѓу Косово и Србија користејќи ги нивните лични карти.

Косовските власти досега тврдеа дека постапуваат во согласност со бриселскиот договор, отфрлајќи ја можноста за отфрлање на мерките за кои сметаат дека претставуваат гаранција на косовската независност.