Актуелниот шампион Реал Мадрид, рекордерот со 14 титули, ќе игра во групата Ф со Лајпциг, Селтик и Шахтар. Украинскиот тим е среќен за „кралевите“, оти кога беше во група со Шахтар, освои две титули во три сезони

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИ

Ждрепката за составот на групите во Лигата на шампионите (ЛШ) за сезоната 2022/2023 што се одржа во Истанбул, Турција, реши актуелниот шампион Реал Мадрид, рекордерот со 14 титули, да игра во групата Ф со Лајпциг, Селтик и Шахтар, кој поради руската инвазија на Украина домашните натпревари, наместо во Донецк, ќе ги игра во Варшава, Полска. Украинскиот тим е среќен за „кралевите“, оти кога беше во група со Шахтар, освои две титули во три сезони, во 2015/2016 и во 2021/2022, а 2020/2021 стигнаа до полуфиналето.
Двата шкотски, поточно глазговски тима, Селтик и Ренџерс сезонава за првпат по 2007/2008 ќе играат заедно во ЛШ. Ренџерс е во групата А, со европскиот вицешампион Ливерпул, а нивните дуели, први официјални, британските медиуми бомбастично ги најавуваат како нова „битка за Британија“.
– Ренџерс е нов противник за нас, но нема да ни биде тешко да најдеме информации за тоа како играат. Нивната приказна последниве години беше интересна, направија многу и успеаја да се квалификуваат за групната фаза. Она што е сигурно во моментов е дека сите шест натпревари ќе бидат конкурентни и интензивни – изјави Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул.

Интересни и возбудливи дуели се очекуваат и во групата Ц, во т.н, „група на смртта“, во која се Баерн Минхен, Барселона и Интер, трите клуба што заеднички имаат освоено 14 европски титули. Еден од овие три тима нема да се пласира во нокаут-фазата, како и чешкиот Плзен, кој се смета за аутсајдер во оваа конкуренција. Барселона има победено само на два од 13-те европски меча против Баерн Минхен (плус девет порази и два ремија), но тие победи беа во ЛШ на „Ноу камп“, во април 2009-та и во мај 2015 година.
Манчестер сити, односно Ерлинг Холанд ќе игра против доскорашниот тим Борусија Дортмунд, каде што мина три сезони и даде 15 гола на 13 натпревари во ЛШ. Статистиката е на страната на „граѓаните“ и покажува дека тие победиле на последните осум домашни средби во ЛШ против германски противници, со гол-разлика 30-9.
Челси и Милан по триесетина години (од 1999/2000), повторно ќе играат меѓу себе. Трите претходни европски меча завршија без победник. Прогнозите се дека Челси ќе има два тешки натпревара против Милан, но и дека двата тима ќе се пласираат во нокаут-фазата во групата Е, во конкуренција на Салцбург и на Динамо Загреб.

Л.Д.


Состав на групите

Група А: Ајакс, Ливерпул, Наполи, Ренџерс
Група Б: Порто, Атлетико, Баер Леверкузен, Бриж
Група Ц: Баерн Минхен, Барселона, Интер, Плзен
Група Д: Ајнтрахт Франкфурт, Тотенхем, Спортинг, Марсеј
Група Е: Милан, Челси, Салцбург, Динамо Загреб
Група Ф: Реал Мадрид, Лајпциг, Шахтар, Селтик
Група Г: Манчестер С., Севилја, Борусија Д, Копенхаген
Група Х: ПСЖ, Јувентус, Бенфика, Макаби Хаифа
Натпреварите во групната фаза ќе се играат помеѓу 6 септември и 2 ноември. Финалето е закажано на олимпискиот стадион „Ататурк“ во Истанбул (Турција), на 10 јуни 2023 година.