Што значи тоа да се биде транспарентен во една демократска земја? Какви се примерите и искуствата кај нас, а какви во развиените европски држави?
За разлика од институциите на централната и на локалната власт, народот секогаш е транспарентен во својата разочараност (или не) од нивното работење
Оваа општина e меѓу најтранспарентните во земјава, онаа општина е меѓу топ три најтранспарентни општини во државата, оваа општина е лидер во транспарентност во Скопје, онаа таму, оваа онаму… Oва се само дел од насловите што изминатите денови можеа да се видат на социјалните мрежи и воопшто на медиумите. Транспарентноста почна да се користи како своевиден придружен декор, фалба и слично за работењето на одредена општина, иако, во суштина, отвореноста и транспарентноста би требало да се подразбираат сами по себе, сите да ја применуваат и да нема воопшто потреба некој да се фали колку е или не е транспарентен. Се разбира не може сите да бидат лидери, но поразително е тоа што голем дел од нашите општини како сѐ уште да не слушнале или можеби не сфатиле што се подразбира под поимот транспарентност.
Листата на списокот за некои општини е добра промоција, додека за други огромна црна дамка во работењето на локалните власти. Некои на врвот, некои на средината, некои, пак, на самото дно, сите се фатија за транспарентноста.
Но да почнеме од почеток.
Што значи транспарентност, што значи тоа да се биде транспарентен во една демократска земја?
Најпросто кажано, транспарентност е проѕирност, провидност, јаснота. Во една демократска држава, тоа значи дека сите одлуки, постапки, дејства и набавки на централната и на локалната власт со сите нивни институции, јавно им се достапни на граѓаните и на медиумите. За да можат тие да изградат или дадат свое мислење за работата на институциите.
Доколку, пак, се обидете да го истражите терминот на интернет-пребарувач, ќе сфатите дека овој поим воопшто не е за фалење во западноевропските земји, напротив, тој термин е нераскинлив дел од работењето на државните органи. Во една Шведска, Норвешка, Италија, Франција, на народот, кој, всушност, е причината поради која владејачките структури се на таа позиција, буквално сѐ му е сервирано на тацна. Таму нема скриени ставки, нема скриени политики, нема никакви тајни.
Па оттука се поставува прашањето дали навистина јавните институции, локалната и централната власт се фалат со нешто што треба да се подразбира како суштински дел од нивното работење.
Да нагласам, работата на народните избраници, на советниците и на сите вработени во државните институции треба и мора да биде транспарентна.
Народот треба да знае на што се трошат неговите пари, народот има право да знае за одлуките што ќе се донесат, за плановите на дејствување на органите на власта и тука нема ништо спорно.
Но какви се состојбите во реалноста, дали навистина работењето на државните органи и институции се одликува со транспарентност?
Ако народната поговорка гласи „прво скокни, па речи оп“, кај нас се практикува обратното „речи оп, па скокни.“ Во прилог на тоа има илјадници примери, почнувајќи од сечење дрвја прекуноќ, удирање темели на објекти исто така прекуноќ, па сѐ до длабоки и сериозни политички одлуки.
Тука доволно е да се потсетиме на бугарскиот договор што долго време се криеше од јавноста и не беше транспарентно достапен, а кој нас како нација нѐ чини многу, би рекла и премногу. Бидејќи со наметнатите уцени е загрозена суштината за нашето битисување, постоење, нашиот идентитет, јазик, култура, нашата нераскинлива врска со историјата и славното минато.
За разлика од институциите на централната и на локалната власт, народот секогаш е транспарентен во својата разочараност од државата. Народот никогаш не ги скрил своето незадоволство или задоволство, својот гнев и револт или можеби радост, која сѐ поретко ја има. Она што е жално е фактот што надлежните институции ја потценуваат и ја занемаруваат транспарентноста кон граѓаните, кои ја полнат државната каса, од која, пак, оние што треба да се транспарентни, а не се, ја земаат својата плата.
Па кој кого тука замајува?
Наместо фалби за тоа кој повеќе информации ѝ проследил на јавноста, државните и локалните власти треба сериозно да ги загреат столчињата. Еве, летото веќе е на самиот крај, завршуваат летните одмори, што значи ред е сите да се фатат за својата работа, која се подразбира дека треба транспарентно да ја извршуваат.
Не зад паравани, не откога ќе ја направат, туку треба да ја информираат јавноста за секој чекор што сакаат да го преземат, за да го слушнат нејзиното мислење, па оттука да ги кројат плановите и политиките што ги засегаат судбините на населението.
Ни претстои тежок период, период на долга зима, студ проследен со голема економска и енергетска криза. Ред е народот да се чувствува спокојно и заштитено во својата земја, да легне да спие мирно со сознанието дека утре ќе биде подобро, бидејќи институциите се грижат за него. На народот му треба транспарентност за позитивни проекции за иднината, бидејќи Македонците немаат друга резервна татковина.