Изградбата на проектот од 70 мегавати е планирана на површина од 88,5 хектари, а очекуваното годишно производство би било 114 гигават-часа. „БИГ шопинг сентерс“ влегува во финални преговори за купување на уште 39,4 хектари земјиште, каде што би инсталирал дополнителни соларни панели, со вкупен капацитет од 35 мегавати, со што капацитетот на овој соларен парк би достигнал 105 мегавати
Македонија станува сè поинтересна за инвестиции во делот на обновливите извори
Израелската компанија „БИГ шопинг сентерс“, која управува со трговски центри, презема фотонапонски проект во земјава со проценета вредност од 53 милиони евра, планирајќи да го прошири од 70 на 105 мегавати.
Оваа групација соопшти дека ќе продолжи да инвестира во производство на енергија од обновливи извори, како генератор на растот и одржливоста.
– Ова е уште еден стратегиски потег во спроведувањето на глобалната развојна политика на нашиот сектор енергетика – изјави генералниот директор Хаи Галис.
Тој додаде дека компанијата тежнее да стане важен фактор во областа на енергијата од обновливи извори.
– Трансакцијата е во согласност со стратегијата на компанијата, која секторот енергетика го дефинира како придвижувач на растот и начин за диверзификација на инвестициите, што одговара на нејзините вредности за одржливост – истакна Галис.
Унгарската ќерка фирма „БИГ енергиа холдингс кфт“, разгранок за инвестиции во секторот енергетика во стоотстотна сопственост на израелската компанија, постигна договор за целосно преземање на две македонски проектни компании, кои имаат права на соларен проект во поодмината фаза на развој. За своите две соларни фарми во околината на Пробиштип веќе добиле согласност од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги за поврзување во електричната мрежа.
Изградбата на проектот од 70 мегавати е планирана на површина од 88,5 хектари, а очекуваното годишно производство би било 114 гигават-часа. „БИГ шопинг сентерс“ влегува во финални преговори за купување на уште 39,4 хектари земјиште, каде што би инсталирал дополнителни соларни панели со вкупен капацитет од 35 мегавати, со што капацитетот на овој соларен парк би достигнал 105 мегавати.
Купувањето на проектните компании би се одвивало во фази, во зависност од исполнетите главни цели и неколку други услови. „БИГ енергиа холдингс кфт“ ќе обезбеди 12,6 милиони евра за преземање и развој на проектот пред добивање на градежните дозволи, за земјиштето и добивката од проектот, а ќе плаќа во согласност со напредокот на проектот додека не бидат обезбедени градежните дозволи. Трошокот на проектот, вклучувајќи ја и добивката од него, на тој начин е проценет на 53 милиони евра.
Оттаму произлегува дека вкупната заработка од проектот пред пресметката на каматите, даноците, депрецијацијата и амортизацијата би изнесувала 7,2 милиони евра годишно.
Договорот опфаќа упатства за активности на проектната компанија за време на преодниот период, како и обврска за исплата на обесштетувања на подружницата на „БИГ шопинг сентерс“ во случај на непочитување на обврските.
Продавачите, според договорот, се обврзани да ги стават акциите на проектната компанија во залог во полза на подружницата, како и да обезбедат лична гаранција дека нивните сопственици ќе ги исполнат своите обврски во случај на откажување на договорот во околности што ѝ даваат право на поврат на средствата до одреден датум.
Реализацијата на договорот зависи од неколку услови, вклучувајќи и одобрение од Комисијата за заштита на конкуренцијата, добивање градежна дозвола за 70 мегавати и претпоставки дека нема да има значителни негативни промени во изведбата на проектот. Рокот за исполнување на барањето за издавање градежна дозвола е 16 месеци од датумот на потпишување на договорот. Е.Р.