Имаме шанса да ги решиме проблемите со Северна Македонија, кои траат со децении, но не беа третирани сериозно, изјави бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков.
– Сега имаме механизам за нивно решавање. Станува збор за т.н. француски предлог. Пред нас има широко поле за продолжување на работата и за расчистување на сите спорни прашања – рече Милков.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, министерот во техничката Влада додаде дека има изгледи за подобрување на односите со Македонија.
Според него, „вознемиреност буди однесувањето на опозицијата, која ги користи ставовите на населението за различни цели“.
Милков оцени дека „европското минато е поврзано со отфрлање на голем број пропагандни клишеа и секоја земја пред да влезе во ЕУ мора да се раздели со некои од лажните парадигми со кои се третирал историскиот процес“.
Тој исто така оцени и дека ќе продолжи да работи за европската интеграција на државите од Западен Балкан.