Откако Министерството за култура објави дека нема да префрли средства на Општина Крива Паланка за организирање на музичкиот фестивал „Џој Фест“, бидејќи ќе настапи Аца Лукас, градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, уверува дека настапот на српскиот турбо-фолк пејач е во чест на Денот на рударите, како и по повод 29 август, прославата на патрон-празникот на градот и чествувањето на светецот –закрилник на оваа општина, Јоаким Осоговски.
– Парите од Министерство за култура не се префрлени на сметка на општината, досега само е склучен договор. Настапите на сите учесници на „Џој Фест“, кои се исклучиво македонски изведувачи, како и концертот на Аца Лукас, веќе се платени од спонзори. Министерство за култура не мора да ги префрла предвидените средства, иако станува збор за недоразбирање. Тие средства, вкупно 153.000 денари секако беа наменети за македонските пејачи кои ќе настапат на „Џој Фест“: Каролина Гочева, Бени „Нон Стоп“, Гоце Саф, „Бас брадарс“ и други, што значи исклучиво македонски пејачи. Но и за нив тие 153.000 денари од Министерство за култура не се доволни, поради што бројни спонзори и донатори обезбедија средства и овие пејачи веќе исплатени – вели Митовски.
Основан како рок-фестивал, „Џој Фест“ годинава ќе се одржи по деветти пат, по две години пауза поради ковид-пандемијата. Иницијативата за формирање на фестивалот е од група музичари од градот кои го отстапија на органзиација на Општина Крива Паланка.
Годинашниот фестивал е дел од „Кривопаланечко културно лето 2022“ поддржано од Министерство за култура, Општина Крива Паланка, Националан установа Центар за култура Крива Паланка, Локална установа Градски музеј Крива Паланка, со поддршка и од Европска куќа Крива Паланка на дел од настаните.
Митовски нагласува дека Аца Лукас не е дел од фестивалската програма, туку ќе пее по повод празникот на градот, прогласен за неработен ден во општината, прославата на патронот на познатиот манастир „Св. Јоаким Осоговски“ и Денот на рударите.
– Концертот на Аца Лукас е за празникот на градот, за „Св. Јаким Осоговски“, кога е славата на манастирот и кога традиционално градот го посетуваат луѓе од целата држава и за Денот на рударите. Со парите од Министерство за култура не ни може да се плати Аца Лукас, а искрено и дел од македонските пејачи. Аца Лукас чини 15.000 евра, а од Министерство за култура добивме 153.000 денари (околу 2.500 евра) како кофинансирање за учество на домашни пејачи. Мене навистина ми е жал за ваквата одлука и за недоразбирањето. По оваа информација јас се слушнав со министерката, на која и реков дека не мора да ги исплатат, бидејќи и настапите на домашните изведувачи ќе ги покриеме со спонзори. Општината учествува само со 600.000 денари, а останатите пари за другите манифестации, меѓу кои и концертот на Лукас се спонзорства. Концертот на Аца Лукас еден од поголемите спонзори е и самиот рудник во Крива Паланка, „Булмак 2016“, бидејќи, како што реков, неговиот настап е за Денот на рударите, по нивна желба, изјави Митковски.
Митовски нагласува дека настапот на Лукас е по желба на граѓаните, на нивно барање.