– Во услови на енормни поскапувања, на зголемени цени на сите основни продукти и добра што претставуваат елементарни услови за живеење, а за многумина станаа луксуз, Општина Кисела Вода обезбеди донација од приватна компанија за субвенционирање на дел од сметките за потрошена електрична енергија на социјално загрозените семејства. Се работи за сума во износ од 1.200.000,00 денари, односно по 100.000,00 денари во текот на дванаесет месеци, кои ќе бидат наменети за оние на кои најмногу им е потребна помош. Ги повикувам сите наши жители што ги исполнуваат условите да ја поднесат потребната документација до архивата на Општина Кисела Вода, за да го остварат правото за овие финансиски средства. Изборот ќе го врши повеќечлена комисија, а подносителите ќе бидат известени во рок од 15 дена од донесувањето на одлуката за распределба на средствата – изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Јавниот повик со критериумите за учество и потребната документација е достапен на општинската веб-страница.
Паралелно со оваа социјална мерка, Општина Кисела Вода интензивно работи на подобрување на квалитетот на животот на сите граѓани, со посебен акцент врз најсиромашното население. Проектот „Храна за сите“, преку кој беа обезбедени хуманитарни пакети за економски немоќните семејства, ќе продолжи и понатаму, а од септември, сите семејства што имаат првоодделенче, од општината ќе добијат училишна чанта со тетратки и прибор. Со проектот „Ранче за секое прваче“ се опфатени сите 625 првачиња од овој дел на градот.