Фото: Фејсбук/Реџеп Таип Ердоган

На која страна навистина си ти? Тоа е прашањето за кое треба да размислува украинскиот претседател Владимир Зеленски кога денес ќе се сретне со неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган во Лавов, пишува „Политико“ во текстот насловен „Ердоган чекори по тенка линија како двоен агент во војната во Украина“.

Од една страна, Зеленски има причина да му се заблагодари на турскиот лидер кој се обидува да прикаже неутралност, посредувајќи помеѓу Русија и Украина за да се овозможи извозот на жито од блокираните пристапништа во Црното Море.

Од друга страна, Турција се соочува со обвинувања дека претставува т.н. „црн витез“, што е експертски термин за државите што помагаат во избегнување на меѓународните санкции за сопствена корист. Засилената трговија помеѓу Турција и Русија и прифаќањето на рускиот систем за плаќање од турските банки откако изби војната во Украина, поттикнаа шпекулации дека Анкара забележала предности од помагањето на Москва, додека и самата се справува со ударот на инфлацијата врз турската економија.

– Турција е про Украина без да биде анти Русија – вели поранешниот турски дипломат Синан Елген од тинк-тенкот „Карнеги Јуроп“.

Многумина западни дипломати, пак, имаат поостар став кон турската „двојна игра“.

– Не можете да бидете на двете страни во ваква војна. Тоа е членка на НАТО – се пожалил дипломат од членка на ЕУ во изјава за „Политико“.

Во пракса, западните држави не можат да сторат многу. САД и ЕУ имаат можност да извршат одреден притисок врз Турција, но ризиците од ваков потег се големи. Грција веќе ја обвинува Турција за ѕвечкање со оружје поради тензиите во Егејското Море, а Западот не сака Ердоган повторно да се наврати на ветото за приемот на Финска и Шведска во НАТО, па засега, Брисел и Вашингтон само ги следат потезите на Анкара, заклучува „Политико“.