Сандра Перковиќ е и двократна светска првенка, во 2013 и 2017, и двократна олимписка шампионка, во Лондон 2012 и во Рио 2016 година
ЕП ВО АТЛЕТИКА
Хрватката Сандра Перковиќ (32) си обезбеди место во историјата на атлетиката. Таа на Европското првенство (ЕП) што се одржува во Минхен, Германија, го освои златото во дисциплината фрлање диск (67,95 метри) и стана првата атлетичарка што освојува шест златни медали на ЕП во низа. Петте други европски злата, Перковиќ ги освои во Барселона 2010, кога стана најмладата европска шампионка во фрлање диск, потоа во Хелсинки 2012, во Цирих 2014, во Амстердам 2016 и во Берлин во 2018. ЕП во 2020-та беше откажано. Перковиќ е и двократна светска првенка, во Москва 2013 и во Лондон 2017, и двократна олимписка шампионка, во Лондон 2012 и во Рио 2016 година.
Во јули Перковиќ освои сребро на Светското првенство (СП) во Јуџин, САД, и стана првата жена фрлач на диск во историјата што освоила пет медали на СП. Серијата освојување медали таа ја започна во Москва 2013 со златниот медал, две години подоцна во Пекинг беше втора, а во Лондон 2017 освои уште едно злато. Во Доха 2019 година го освои бронзениот медал, а во јули годинава во Јуџин последниот, сребрен медал. Перковиќ сега има вкупно 10 златни, два сребрени и еден бронзен медал од Летните олимписки игри (ЛОИ), од СП и од ЕП.
Од ЕП во Минхен за издвојување се и триумфите на Марсел Џејкобс (27), Американецот што трча под италијанско знаме, на 100 метри, и на Норвежанецот Јакоб Ингебритсен (21), на 5.000 метри. Џејкобс, олимпискиот првак од Токио 2020, забележа време од 9,95 секунди, израмнувајќи го рекордот на шампионатите и стана третиот спринтер во историјата што по олимписко, освојува и европско злато. Пред него тоа им успеало само на Валериј Борзов од поранешниот Советски Сојуз, на ЛОИ 1972 во Минхен и на ЕП 1974 во Рим, и на Британецот Линфорд Кристи, во Барселона 1992 и во Хелсинки 1994 година.
Ингебритсен, олимпискиот шампион на 1.500 метри од Токио лани и светски првак на 5.000 метри од Јуџин, ја одбрани европската титула на 5.000 метри освоена во Берлин 2018. Тогаш, како 17-годишник, тој победи и во трката на 1.500 метри. Л.Д.