Фото: МКЦ

По кратко боледување, на 73-годишна возраст вчера почина Љубиша Никодиновски-Биш, театарски актер и продуцент и еден од основачите и долгогодишен селектор на фестивалот Млад отворен театар (МОТ) во 1976. Тој е еден од основачите и прв генерален секретар на Македонскиот центар на ИТИ-Унеско. Во 2010 беше прогласен за почесен претседател на МОТ.

Се занимаваше со и театарска критика и есеистика, а бил и раководител на театри. Автор е на број статии и студии од областа на театарот, а во 2009 ја објави книгата „Алтернативниот театар во Македонија“.

Како тетарски глумец работел во театарот Кај Свети Никита Голтарот и Театарската работилница ФФ (Зелена гуска) каде што бил еден од основачите и продуцент. Бил и продуцент во МНТ и раководител на театарот Центар, а во МКЦ бил помошник на директорот за драмската програма.

Посмртните останки на Биш ќе бидат погребани в петок во 9 часот на Градските гробишта во Бутел.

-Последен пат комунициравме во екот на пандемијата 2020., кога се јавивме само да му кажеме дека и покрај се, МОТ ќе има! Нема да го откажеме фестивалот, исто како што тој не го откажувал и во многу други лоши времиња. Не беше добар, не го чувме. Но неговата прекрасна Енка ни вети дека ќе му пренесе. Помина првата фестивалска вечер, и дур скромно на дистанца наздравивме по тој повод, го добиваме следниот мејл:
„MOT twenty twenty
Театарот, каков и да биде светот на крај од лошиот сон, и понатаму ќе опстане.
Да живее Интернационалниот театарски фестивал – МОТ
Да живее мотовската публика.
Со љубов,
Биш“
Не знаме дал сам го пишувал, ил диктирал, но беше од неговиот маил. Ете, тоа беше Биш. До последна капка сила со љубов кон театарот. „Голтар“, Скомрах, Актер, Директор, Продуцент, Уредник, Истражувач, Собирач, Архивар, Сонувач… Не знаеме дал има некој кој барем малку има направено за алтернативниот театар во Македонија како Биш. Ни го отвори „прозорецот кон театарска Европа“, не тераше да веруваме во „Моќта на театарот“, предупредуваше дека „Театарот е на крстопат“ – објавија од Младинскиот културен центар на социјалните мрежи.