„Сите се бореа, имаа желба да победат, некогаш успеваа во тоа, некогаш не, но дадоа сѐ од себе на таблата, а притоа да не заборавивме дека имавме и две дебитантки. Манова, Ефтовска и Жежовска се стекнаа и со титулата женски кандидат мајстор“, вели Андоновски, селектор на женската репрезентација. „Не сум задоволен од постигнатиот резултат, очекував повеќе. Сепак, ако сакаме да постигнеме подобри резултати во иднина, ќе мора повеќе внимание да се посвети на подготовките, поединечни и репрезентативни“, смета Недев, селектор на машката репрезентација
ШАХ
Македонската машка шаховска репрезентација, предводена од селекторот Трајко Недев, го освои 70-то место, а женската репрезентација, под водство на селекторот Љубиша Андоновски, заврши на 62-та позиција на 44. Шаховска олимпијада (ШО) во индискиот град Ченаи.
– Не сум задоволен од постигнатиот резултат на ШО, очекував повеќе. На ШО имаше моменти кога имавме добри позиции, но имаше и пропусти во играта. За ваквиот резултат, секако, дополнителен негативен фактор беа и вирусот што владееше во репрезентацијата и аклиматизацијата, кои неколку кола и го диктираа составот со кој настапивме. Така, на пример, Велјаноски два дена не беше во состојба да игра, Ристески во првото коло, а и другите шахисти не беа целосно имуни. Сепак, ако сакаме да постигнеме подобри резултати во иднина, ќе мора повеќе внимание да се посвети на подготовките, поединечни и репрезентативни. Еден подготвителен камп од четири дена е малку. Но, ако не работат поединечно шахистите, тогаш и пет кампа нема да ни помогнат многу – смета Недев, кој е македонски шахист со најмногу настапи на ШО (12).
Андоновски, кој дебитира на оваа функција, е задоволен од прикажано на шахистките, кои се пласираа девет места подобро од почетниот пласман.
– За мене ШО во Ченаи беше успешна приказна. Сите се бореа, имаа желба да победат, некогаш успеваа во тоа, некогаш не, но дадоа сѐ од себе на таблата, а притоа да не заборавивме дека имавме и две дебитантки, Леа Ефтовска и Моника Жежовска, од кои втората нема уште полни 14 години. Ефтовска речиси цела ШО беше болна, мораше да носи и маска, што се одрази врз нејзината форма. Исти проблеми имаа и другите шахистки, па мораа да паузираат или да играат нецелосно закрепнати во одредени кола. Сепак, шест победи и пет порази е успех за оваа селекција. Притоа две шахистки загубија рејтинг, а три добија нови поени. Ивана Манова (плус 27 рејтинг-поени), Ефтовска (19,2 р.п.) и Жежовска (42 р.п.) се стекнаа и со титулата женски кандидат мајстор. Тоа е титула што им се доделува на шахистки што постигнале класичен рејтинг од 2.000 поени, но и на оние што немаат толкав рејтинг, но имаат добри резултати на континентални или национални турнири, како што тоа го направија сега нашите три репрезентативки – вели Андоновски. Г.И.
Од септември шахот станува изборен предмет во основните училишта
Од септември годинава шахот ќе биде на листата на изборни предмети во основните училишта во Македонија за децата од прво и од второ одделение. Шаховската федерација на Македонија соопшти дека Бирото за развој на образованието ја одобрило нивната програма за шах во училиштата. Со помош на македонски професионални шахисти што се сертифицирани од Светската шаховска федерација, ќе се обучуваат наставниците што ќе ги држат шаховските предавања.