Со поклон, почит и тага пред спомен обележјето во прилепската касарна „Мирче Ацев“ почна одбележувањето на 21 година од трагичниот настан кај месноста Карпалак на патот Скопје – Тетово.
На 8 август 2001-та во заседа беше нападнат армиски конвој и загинаа 10 припадници на резервниот состав.
Пред спомен обележјето се поклонија и положија цвеќиња претставници на семејствата на загинатите, на Армијата, претставник од кабинетот на Претседателот, од локалната самоуправа, здруженија, граѓани и поединци.
Командантот на касарната потполковник Славчо Кузманоски, пред присутните, рече дека тагата и болката по загинатите остануваат, но нема да бидат заборавени.
-Останува обврската , наша и на идните поколенија и генерации споменот да го чуваме , да негуваме, и да не дозволиме 2001 да не се повтори – рече Кузманоски.
На 8 август 2001 година кај месноста Карпалак загинаа: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.
Во нивна чест во прилепската касарна е поставен паметникот и има спомен соба.
Чествувањата продолжуваат и утре на месноста Карпалак и во центарот на Прилеп.
Ка.М.