Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља ја прогаси за „персона нон грата“ руската државјанка Дарија Асламова, која беше проведена вчера при обид да влезе во земјата од Србија, преку граничен премин во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
На својата страница на Фејсбук, Свечља објави дека на Асламова, за која вели дека има информации оти е соработник на руските разузнавачки служби, ѝ е забранет влезот во Косово во наредните пет години.
– Врз основа на Законот за странци… ја прогласив за непожелна во Република Косово Дарија Асламова. Влезот на оваа личност на територијата на Република Косово ѝ е забранет за пет години. Секој кој што со одредени цели или директиви ја повредува или се обидува да ја дестабилизира нашата земја беспоговорно ќе се соочи со силата на законите на Република Косово – напиша Свечља.
По повод приведувањето на Асламова, косовскиот министер за внатрешни работи синоќа изјави дека за нејзините разузнавачки и пропагандни активности за потребите на руските тајни служби, постојат многу докази и потврди од повеќе држави, во кои веќе ѝ е забранет влезот.
Тој напомена дека нејзиниот обид да влезе во Косово доаѓа по минатонеделните немири во северниот дел од земјата и по вчерашните пукотници врз припадници на косовската погранична полиција на границата со Србија, за што вели дека е одговорен српскиот претседател Александар Вучиќ.
– Нагласуваме дека таа се обидува да влезе во Косово една недела по тензиите предизвикани од криминалните структури на север и истиот ден кога истите структури, кои се оркестрирани од Вучиќ, испукаа десет куршуми кон нашите полициски службеници. Нејзиниот обид да влезе во нашата земја не само што соодветствува со настаните на северот, туку ги потврдува јасно врските со руската пропаганда на која веќе ѝ се приклучи Србија и кои имаат за цел дестабилизација на нашата земја – напиша Свечља.