Од вообичаената летаргија градот во срцето на Западна Македонија, Кичево, преку ноќ го живнаа гастарбајтерите, кои во голем број речиси во еден ден се вратија во земјава на летен одмор.
Нивната бројност и секако подлабоките џебови, придонесоа за час да се зголеми прометот во маркетите, кафулињата и кафеаните, како и во рестораните за свадби кои во изминатите триесетина дена направија толку свадби колку во преостанатиот дел од годината заедно.
Задоволни од наглиот пораст на прометот се и цвеќарниците, фризерниците, сервисите за миење на автомобили, златарниците и сите трговии и занаети во градот. Заработија и пејачите и музичките групи, бидејќи малку попознати солисти за една свадба добиваат и по десетина илјади евра. Во таа свадбена еуфорија никој не штеди пари и сите сакаат да се покажат во што е можно подобро светло.
– Кичево и регионот својот развој и интензивна станбена изградба во изминатите неколку децении ги должат пред се на парите што ги вложуваат гастарбајтерите. Без нивните дознаки и пензии, овој регион би бил еден од најсиромашните во земјава. Во текот на летото кога доаѓаат на одмор или околу Нова година, градот живее друг живот, бидејќи нашите печалбари ги заживуваат локалите и бутиците. А за многубројните свадби се трошат многу пари, за купување злато и облека, како и за украсување на автомобилите и салите каде што се прават свадбите. Накратко речено, сите имаат корист од печалбарските пари – вели Џевдет Далипи угостител..
Дваесетината ресторани за свадби во градот едвај ги дочекаа печалбарите, за да можат празните одови од пролетта и есента да ги надоместат со поголем промет во овој дел од годината.
И во повеќето села убавите и раскошни куќи и автомобили и повисокиот стандард се должат на печалбарските пари. Едно од тие села е село Лисичани, каде печалбарите од овој крај го искористија времето за одмор да ги направат задолжителните веселби.
– Во нашето село има голем број на жители кои работат и живеат во странство. Од околу 2.500 жители на нашето село, поголем дел се наоѓаат во странство или од околу 250 домаќинста имаме печалбари во Австрија, Словенија, Италија и Германија.Токму овие пари помогнаа да се изградат големи куќи и селото, иако се попразно да наликува на современа урбана населба. Парите што ги носат нашите печалбари се пресудни за се подобриот начин на живот на месното население. Бидејќи нивниот престој во земјава е краток, тие во истиот тој период ја користат приликата да направат свадби, сунети и свршувачки, каде ги собираат своите роднини и пријатели. И летово во нашето село се направија над 35 пребогати свадби со голем број на гости и познати пејачи и музички групи. Дури пред неколку години во нашето село се направи свадба со над 3.000 гости, кога музичка ѕвезда од Босна заработи повеќе десетици илјади евра – вели Ќемо Сами , постојан жител на ова село.
Овој период со душа го чекаа и снимателите и фотографите, кои со својата опрема и умешност ги овековечија овие свечености, за славениците преку снимки и фотографии да се присетуваат на овие свечени моменти и кога ќе заминат од земјава. З.А.