Фото: Принтскрин

САД ќе ги поддржуваaт Македонија и Албанија во нивните напори за реформи, со цел започнатиот процес на евроинтеграција да се движи брзо, како што посочи денеска Габриел Ескобар, заменик-помошникот на државниот секретар на САД, задолжен за Европа и Евроазија, а пренесе дописникот на МИА од Вашингтон.

На денешниот брифинг посветен на ситуацијата во Западен Балкан, одговарајќи на новинарски прашања Ескобар укажа дека Македонија е голем билатерален партнер и извонреден сојузник во НАТО.

Тој повторно ја истакна пораката од Стратешкиот дијалог, кој САД го имаа со Македонија во јуни во Вашингтон.

– Нашата позиција од искуството со Северна Македонија е дека таа е одличен партнер, лојален пријател и силен поддржувач на трансатлантската заедница. Северна Македонија заслужено го започна движењето во нивниот процес кон Европа. Тие направија тешки реформи и продолжуваат да прават тешки реформи – изјави тој.

Укажа дека за САД, прашањето за јазикот и културниот идентитет на Македонија не е прашање, и ја повика земјата да продолжи со конструктивниот дијалог со соседите и да се движи што побргу во процесот за пристапување.

– САД остануваат силен партнер во охрабрување и поддршка на Северна Македонија во тој процес. И конечно, земјата сигурно ќе биде успешна во тој процес – рече Ескобар.

Тој на брифингот говорејќи за историската, културната и економската припадност на Македонците, ја употреби придавката „северномакедонци“.

– Северномакедонците се Европејци, тие историски се Европејци, културолошки се Европејци и економски Северна Македонија е дел од Европа и е важен и ќе биде важен учесник во делот на транспортот ИТ секторот, па се до енергетскиот сектор – рече Ескобар.