Во „Отворен Балкан“ секој може секому да помогне, според српскиот претседател
Српскиот претседател, Александар Вучиќ во интервју за телевизија „Пинк“ рече дека во рамките на проектот „Отворен Балкан“ секој може секому да помогне и дека тоа е многу важно, особено во време на криза.
– Можеме да им помогнеме на сите со гас, со струја и храна во Северна Македонија – рече Вучиќ, на прашањето кој кому може да помогне во рамките на „Отворен Балкан“, ако дојде до поголеми кризи.
Тој даде објаснување за идејата за меѓусебна помош во рамките на „Отворен Балкан“.
– Да речеме дека има денови кога хидролошката состојба е подобра, па Албанија може да ѝ помогне на Северна Македонија со струја, па и на Србија, и обратно, Србија може да им помогне на нив. Тоа се важни работи – истакна Вучиќ и додаде дека Србија платила и два руски противпожарни хеликоптери способни да носат 5.000 литри вода и оти ќе можат да им помогнат на сите.
На прашањето како ќе пристигнат тие летала, Вучиќ рече дека ќе пристигнат на вообичаен начин, бидејќи тоа не е оружје што некој би го забранил.