Денеска се потсетуваме на еден од најтешките денови во историјата на нашиот главен град Скопје, кога на 26 јули од 1963 година, пред точно 59 години, во 05 часот и 17 минути, катастрофален земјотрес одзеде над 1000 животи на нашите сограѓани, а многумина останаа без покрив над главата – Скопје беше разрушено, напиша министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неговиот фејсбук-профил.
– Глобалната помош и поддршка од 87 нации ширум светот го трансформираше Скопје во град на солидарноста, а поуката од тоа ја носиме сите, скоро 6 деценции, дека безбедноста на граѓаните е врвен приоритет и дека само со заедништво можеме да го изградиме општеството за сите. Да не се заборават настраданите, да не се заборави хуманоста на светот – објави Спасовски на фејсбук.
Премиерот Димитар Ковачевски порача дека 26 јули е потсетник дека наша должност е на новите генерации да им ја пренесеме љубовта, еснафскиот дух и пожртвуваноста со кои градот се градеше и развиваше, но и да им оставиме аманет никогаш да не ги забораваат жртвите од земјотресот на кои денес им оддаваме почит.
– На денешен ден во 1963, во точно 5 часот и 17 минути, накратко запре срцето на Скопје. Катастрофалниот земјотрес однесе многу човечки животи и направи огромна материјална штета. Но, со трудот и пожртвуваноста на скопјани и на пријателите од целиот свет кои несебично подадоа рака, од рушевините се роди едно ново Скопје. Скопје кое стана синоним на солидарност, етничка и архитектонска шареноликост, на еден нов, модерен космополитски дух. Тоа е вистинскиот код на градот – стои во фејсбук објавата на премиерот Ковачевски.
Претставници од претседателскиот кабинет и делегација на владата предводена од вицепремиерот Бојан Маричиќ во придружба на министерот за правда Никола Тупанчевски и заменик-министерот за правда Агим Нухиу, денеска по повод годишнината, положија свежо цвеќе на споменикот на жртвите од земјотресот.