Жителите од општина Пласница повеќе нема да имаат потреба да патуваат во соседните општини за да обезбедат документ или добијат информација од областа на социјалните работи, бидејќи и во општинскиот центар е отворена подрачна канцеларија. На отворањето на канцеларијата беа присутни министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и државниот секретар во ресорното министерство Ресми Ејупи.
Градоначалникот Алија Јаоски беше презадоволен што и во општина Пласница е отворена ваква канцеларија.
– Од денес општина Пласница е побогата за новата подрачна канцеларија за социјални работи, која ќе им овозможи на жителите од овој регион аплицирање за социјалните права и користење на услуги од системот на социјалната заштита во нивното место на живеење.Со овој чекор на локалните жители им се олеснува пристапот до оваа институција, која до денес функционираше само во Македонски Брод а сега нема потреба од патувања и сите потреби и прием на странки ќе се извршуваат во општинскиот центар – истакна градоначалникот Јаоски. З.А.