Бигорскиот манастир и неговата околина со сите обележја и знаменитости што ги нудат, како Еленски мост, Дуфски Водовод, езерото Локув, најниско ледничко езеро во Македонија (1.565 м), многу планински врвови, реки, потоци и долини, како и цркви со неповторлив живопис, иконостаси, икони со уникатна, врвна средновековна византиска, претставуваат уникатно и неповторливо место за одмор и рекреација
Македонското духовно светилиште „Свети Јован Крстител“, познато како Бигорски манастир, пред две години, со низа црковни, просветни и со други манифестации, го одбележи големиот јубилеј – еден милениум опстојба, вдахновение, светост, светлина, традиција, со порака и со ветувања дека без прекин на континуитетот и понатаму ќе ги чува, негува и ќе ги унапредува македонскиот јазик и македонскиот идентитет, и како и досега ќе биде стожер за доброто на универзумот и човештвото.
И покрај тоа што сѐ уште не се завршени работите на реконструкцијата на регионалниот пат Маврови Анови – Дебар, секој ден сообраќајот на сите видови автомобили е забранет од 10 до 16 часот, посетеноста на Бигорскиот манастир е опадната, но, сепак има групни и поединечни посети од сите региони на Македонија, поединечни посети од соседните држави, како и групни и поединечни посети од европските држави, од САД и од Австралија. Покрај можноста за посета на содржините на манастирот и за присуство на божествените литургии, посетителите можат да ги посетат содржините на манастирскиот комплекс, а потоа да уживаат во манастирската храна во етноресторанот „Куќа на Мијаците“.
Во овие летни пеколни горештини, пожелна е посета на комплексот на Бигорскиот манастир, кој се наоѓа на подножјето на планината Бистра, а на спротивната страна се горостасите Дешат, Крчин и Кораб, кои ги дели прекрасната долина на реката Радика, како солза чиста и бистра, погодна за одмор, рекреација и за разладување. Оваа дестинација е одлична за одмор и рекреација во недопрена природа, во чист и свеж планински воздух, одмор од соништата. Престојот станува повозбудлив, повпечатлив ако се применува активен одмор со посета на дел на следните природни реткости, цркви и манастири, создавани низ вековите од природата и од човекот, а се наоѓаат во близината на Бигорскиот манастир: Еленски мост, Дуфски Водовод, езерото Локув, најниско ледничко езеро во Македонија (1.565 м), многу планински врвови, реки, потоци и долини, како и цркви со неповторлив живопис, иконостаси, икони со уникатна, врвна средновековна византиска уметност, пријатна духовна храна. Во близината на македонскиот бисер – Бигорски манастир, се наоѓаат: метохот „Св. Ѓорѓи-Победоносец“ во селото Рајчица, близу Дебар, „Св. Богородица“ во селото Гари, „Св. Ѓорѓи“ – Лазарополе, „Св. Архангел Михаил“, „Св. Илија“, „Вознесение Христово“ и „Св. Кирил и Методиј“ во селото Битуше и други.
Доволен повод и предизвик дел од летниот одмор да се мине во Бигорскиот манастир со секојдневни прошетки низ недопрената природата и посета на овие значајни црковни и природни убавини. Во Бигорскиот манастир можете да присуствувате на утринската и на вечерната богослужба, а потоа заедно со монасите и другите да присуствувате и на заедничката трпеза.
Во комплексот Бигорски, пред влезот на манастирот од пред две години функционира комерцијален конак за туристи.