В понеделник координација во Собранието за францускиот предлог
В понеделник би можело да се знае кога ќе биде дебатата за францускиот предлог во Собрание. На редовната понеделничка координација во Собранието треба да се разговара за тоа кога би можела да се одржи пленарната седница за Информацијата за содржината на предлог – преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европска Унија. Неизвесно е присуството на координаторот на пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, кој побара Информацијата да и биде вратена на Владата бидејќи ги нема главните документи. Во однос на францускиот предлог вчера со став излегоа и Европската комисија и САД.
Претседателот на Собранието Талат Џафери за МИА вчера изјави дека за тоа кога ќе биде закажана седницата на чиј дневен ред би била информацијата ќе се разговара на координацијата в понеделник на која како владин претставник ќе присуствува вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ.
– В понеделник имаме координација на која ќе присуствува и владиниот претставник и ќе разговараме. Ќе се направи проценка. Материјалот е дојден во Собранието, но в понеделник треба да почне седницата за ребалансот на буџетот – изјави Џафери.
Појасни дека за понеделник е закажана пленарната седница за ребалансот на Буџетот, која е согласно роковите и за која дебатата треба да трае најмногу пет дена, но доколку има потреба ќе биде прекината и ќе биде закажана нова седница на која на дневен ред би била информацијата испратена од Владата.
Имајќи предвид дека до Собранието беше испратена само информација, а не и документите, односно францускиот предлог, Џафери вели дека сите документи се веќе јавно достапни и секој може да ги види.
Пратениците излегоа со различни ставови во врска со Информацијата и пленарната седница. Од СДСМ нагласуваат дека одговорноста е на законодавниот дом да донесе натамошни заклучоци, согласно собраниските процедури, а од опозициската ВМРО-ДПМНЕ бараат од претседателот на Собранието да ја врати Информацијата во Владата бидејќи, како што велат, „не содржи ниту еден документ“.
Пратеникот Ненад Коциќ ги повика сите политички партии во Собранието да покажат одговорност, државност и со дијалог и конструктивност да придонесат во носењето на конечната одлука. Коциќ истакна дека СДСМ има заклучоци кои гарантираат доследно придржување кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара во кое било време и околности, односно не се дел од преговарачкиот процес. Тој побара пратениците да постапуваат целосно во согласност со стратешките определби на земјата за интеграција и полноправно членство во Европската Унија со исклучување на билатерални историски и образовни елементи во рамката.
Од друга страна, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски вчера изјави дека со Собранието е пратен само еден лист хартија и ги нема важните документи, што, според него, е „класична девастација и девалвација на Собранието и класична злоупотреба и симнување на најниско ниво на законодавниот дом“. Тој реагираше зашто во испратениот материјал ги нема Документот со заеднички став на ЕУ, Предлог преговарачката рамка на ЕУ, односно Општиот став на ЕУ, Предлог-заклучучоците на Советот и Билатералниот протокол меѓу нашата земја и Бугарија, за кој, според него, министрите за надворешни работи на двете земји, Бујар Османи и Теодора Генчовска изјавиле дека е усогласен.
Пратеникот Павле Трајанов и лидер на Демократскиот сојуз, пак, смета дека Џафери не може да прифати информација која не ги задоволува деловничките критериуми. Сугерира онформацијата да се обликува како што треба согласно Деловникот и во прилог да бидат трите документи – предлог-заклучоците на Советот на Европа, воведната изјава на Советот на ЕУ и преговарачката рамка.
– Мора сите да го видиме протоколот кој е усогласен, можеби веќе одобрен од министерствата за надворешни работи на Бугарија и Македонија, бидејќи во тој протокол се содржани клучните елементи на кои се обврзува Македонија. Нема потреба да се крие од јавноста, да се отвори расправа за него, зашто тоа е пакет на документи што во основа треба да ги спроведува Република Македонија, независно оваа или некоја следна влада – истакна Трајанов на прес-конференција.
Лидерот на Демократскиот сојуз рече дека неговата партија се залага за расправа во Собранието, а претходно да се подготват заклучоци кои ќе бидат прифатливи за сите, посебно за ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на државата Стево Пендаровски вчера порача дека земјата мора да остане на европскиот пат со францускиот предлог. За телевизија 21, Пендаровски посочи дека првиот француски предлог не предвидувал отворање на преговорите и скрининг, додека модифицираниот предлог го има тоа и не се задира во идентитетот.
– Прецизно кажано велеше се одржува прва политичка или симболична конференција, но немаше збор дека се отвора, туку велеше кога ќе го отворите Уставот, тогаш ќе ги отворите преговорите. Сегашниот модификуван француски предлог вели – сега ги отворате преговорите, нема да продолжите или ќе продолжите откако ќе го промените Уставот – истакна Пендаровски.
Шефот на државата смета дека транспарентноста во однос на спорот со Бугарија е мошне важна и дека доколку тој лично се прашува, Протоколот би го објавил уште пред една година.
–Нема од што да се плашиме во тој документ, никој со сила не може да те направи Бугарин – рече Пендаровски во интервјуто за телевизија 21.
Во врска со состојбата во земјата и францускиот предлог вчера свои ставови изнесоа и Европската комисија, евроамбасадорот Дејвид Гир и американската амбасадорка Кејт Брнз.
Европската Комисија смета дека одлуката за ревидираниот француски предлог е суверена одлука на Македонија. Комисијата преку својата портпаролка за проширување Ана Писонеро порача дека се следи процесот во Македонија за предлог-преговарачката рамка на Француското претседателство.
– По испраќањето на ревидираниот француски предлог, видовте дека премиерот Ковачевски најави широк процес на консултации со сите релевантни чинители, овој процес е во тек и се разбира одлуката за овој ревидиран предлог е суверена одлука на Северна Македонија, одблиску ги следиме настаните и дебатите кои се одвиваат – изјави Писонеро.
Евроамбасадорот Дејвид Гир во обраќањето на форумот „Западен Балкан и ЕУ во 2022: што престои“ изјави дека е јасно оти дискусијата дали да се продолжи со овој ревидиран француски предлог или не е во рацете на оваа земја.
– Не е на ЕУ, не е на Претседателство, ниту на друга земја членка на ЕУ – рече Гир.
Според него, тоа не значи дека земјата треба да прифати секаков предлог или францускиот ревидиран предлог.– Земјата треба да одлучи, но тоа е фактор во изборот и тој избор да се направи смирено и со дискусија. Предлогот е секако компромис, многу чувме за тој компромис, некои оценки се фер, некои далеку од вистината, изјави Гир.
Американската амбасадорка Кејт Мари Брнз потенцира дека изборот е суверено право на нацијата, одлуката е тешка, но нагласува оти е потребно да се направи првиот чекор за да се оди понатаму во преговарачкиот процес, во кој, како што рече, на преговарачката маса земјата ќе може да направи различни избори, кога ќе процени дека нејзините забелешки не се земаат предвид.
Во отвореното писмо до јавноста, објавено на веб-страницата на Американската амбасада, Брнз нагласи дека земјава го достигнала историскиот момент во нејзиното долго патување кон евроатлантската иднина. Таа напомена дека повеќе влади и пошироката јавност две децении работеле и се уште работат на пристапувањето кон ЕУ и додаде дека САД се со земјава по патот за остварување на евроатлантската иднина од 2004 година, при што првата аспирација – членство во НАТО е остварена.
Чешка, пак, која од 1 јули го презеде претседавањето со Европскиот совет, како што вчера изјави Јана Јузова од чешкиот институт „Еуропеум“, повикувајќи се на разговори во чешкото Министерство за надворешни работи, е вознемирена бидејќи за францускиот предлог за кревање на бугарското вето била консултирана само Бугарија, а не и други земји-членки.
– Според она што го слушнавме од чешкото МНР, тие се многу вознемирени од Франција и Бугарија, а причината е тоа што за предлогот не биле консултирани други земји-членки. Била консултирана само Бугарија, а останатите земји биле оставени во темнина, рече Јузова на вчерашниот форум што во Скопје се одржа во организација на Институтот за европска политика.
Во земјава продолжуваат протестите против францускиот предлог. Вчера имаше едночасовна блокада пред Владата, а блокирани беа и магистралните патишта Штип – Велес, Струмица – Радовиш и Плетвар – Прилеп. За утре е најавен нов протест. Протестите се поддржани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и од Левица.
Според пратеникот Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, протестите, даваат резултат бидејќи Владата планирала ова да го помине пред три недели, но поради реакцијата на народот тоа досега не поминало. Вториот и третиот чекор, според Николовски, ќе следуваат доколку власта го прифати францускиот предлог, најавувајќи силен притисок за предвремени парламентарни избори и преминување на протестите во антивладин бунт на народот за рушење на Владата.
– Договорот влегува во сила само кога ќе се промени Уставот, а за да се промени уставот е потребно двотретинско мнозинство, а такво двотретинско без ВМРО-ДПМНЕ нема, па, макар и сите да се обединат. И нашиот став е јасен, ние не гласаме за промена на устав, и со самото негласање договорот паѓа – рече Николоски.