ШАХ – СП ЗА СЛЕПИ И СЛАБОВИДНИ ЛИЦА
Македонската репрезентација на 9. Светско првенство (СП) во шах за слепи и за слабовидни лица во Охрид во разигрувањето за пласман загуби од Словенија, со 1,5-2,5, и го освои 14-то место од вкупно 16 селекции, што е за четири места послаб пласман од претходното СП 2018. На дуелот со Словенија, Жарко Селковски (рејтинг 1.967) загуби од Владо Туричник (1.961), Миле Чапанов (1.951) ремизира со Матеј Знудери (1.879), Зоран Костадиновски (1.913) славеше над Емил Мури (1.782) и Санде Атанасов (1.853) загуби од Марјан Штимец (1.787). Костадиновски е најуспешен македонски шахист, со шест поени од девет партии.
– Селковски, Чапанов и Костадиновски одиграа добро. Конкуренцијата беше многу посилна во нашата група отколку во другата. Со седум меч-бода бевме седми во нашата група, а со ист број поени ќе бевме четврти во другата група. Потребно е засилување во репрезентацијата и тоа треба да се бара во младите категории со континуирана работа – вели селекторот на репрезентацијата, ВМ Трајко Недев.
Во мечот за првото место, Србија – Полска, односно за третото, Украина – Шпанија, беше нерешено 2-2, па поради критериумот на повеќе освоени поени во дуелите по групи, светски првак е Полска, а трета е Украина. Победничкиот пехар на Полјаците им го предаде претседателот на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), Саша Богдановиќ, а на најдобрите поединци, директорот на турнирот, Ѓорѓи Миновски. Пласман: Полска, Србија, Украина, Шпанија, Унгарија, Индија, Израел, Романија, Германија, Италија, Бугарија, Франција, Словенија, Македонија, Хрватска, Косово. Г.И.