Американките ќе ја бранат титулата на СП

Во тек е првенството на Северна Америка, на кое САД обезбедија едно од првите две места во групата, што води на СП 2023, а првакот ќе се квалификува и на ЛОИ 2024

ФУДБАЛ

Фудбалерките на САД, чиј селектор е Македонецот Влатко Андоновски, се квалификуваа на Светското првенство (СП) во 2023 година, кое ќе се одржи во Австралија и на Нов Зеланд.
Американките, четирикратни светски шампионки (еднаш беа и втори), кои ќе ја бранат титулата освоена на СП во Франција во 2019 година, на квалификацискиот турнир во Мексико, наедно и шампионат на Северна Америка, забележаа две победи, над Јамајка (5-0) и над Хаити (3-0), и си обезбедија едно од првите две места во групата, во која е и Мексико, што води на СП 2023.
САД се квалификуваа на секое СП од 1991 година досега и се 12-та земја (ќе играат вкупно 32) што обезбеди место на Мундијалот в година. Американките им се придружија на кодомаќините Австралија и Нов Зеланд, како и на селекциите на Република Кореја, Јапонија, Кина, Филипини и на Виетнам од Азија и на Шведска, Франција, Данска и на Шпанија од Европа.
Првакот на Северна Америка ќе се квалификува и на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз, во 2024 година. Л.Д.