Европското лицемерство и глобалистичката сурова неминовност, сето тоа заедно, на овој митски простор се обидуваат којзнае по кој пат да му ја одземат душата, питомоста и да го модифицираат според сопствените потреби.
И она најстрашното што ни се нудеше како политичко несвесно – јазикот да се дели на две, да се сотре „зборот“, да се разнебити историското паметење, да се обезличи иднината. Да се пеплоса и реконфигурира надежта во вид на неоромантичен фрактал ни се даде како замена за оној останат дел од спонтаноста, насловен како Македонија.
Еве уште една куса и неверојатна приказна, гачка за Фантомската Република Македонија, од плејадата соседски и европски „бездушни баби“ – псевдоисторичари, експерти, лажни пророци, како дел од вето-континуитетот и обидите за негирање на автохтоноста, идентитетот, суверенитетот – но и некултура, неблагодарност, дрскост, надменост.
Откако во градов пред некое време се појави проминентниот и влијателен хрватски историчар на уметноста, поет и раскажувач, професорот Ѕвонко Маковиќ, не стивнува „еуфоријата“ внатре во фантомската (според него), држава Македонија. Уште еден во низата кич барокни експерти, гатачи, раскажувачи. Ангажиран, од домашни дежурни архидивизии, преведен и препеан и платен, дојде, да види, оценува, да даде мислење и патем да исплука, избербати и да дисквалификува. Тој без пардон го стори тоа. Прошета низ центарот на градот, разгледа и изјави… Тоа се споменици што јас ги нарекувам фантоми бидејќи Александар Македонски, Гоце Делчев, Самуил и цар Јустинијан или другите личности што некогаш биле терористи, па подоцна биле класифицирани како патриоти, имаат ист статус заедно со личностите на двата новоизградени моста. Тоа е нонсенс, фантомскa приказна за македонското минато, кое во стварноста ниту била ниту можела да биде… или Јустинијан, Гоце Делчев биле терористи, тоа е нешто како и погибијата на поетот А.С.
Пушкин во двобој да се окарактеризира за „Агрегатна состојба“ – тероризам. Проектот „Скопје 2014“ го нарече шизофрен. Потоа даде некое интервју, во кое благо ретерираше и се обиде да изрелативизира Поету го знаеш ли /воопшто/ својот долг!!!???
За жал, не е првиот и единствен странски експерт што загрижено дава квалификации за менталното здравје на македонската власт, но и за народот. Таквата дијагноза ја прифатија домашни „проминентни“ журналисти и активисти и уште го прогласија фантомскиот проект и за фалсификат на историјата, за естетски дебакл, но, пред сѐ, етички проблем, за безобразно истурените пари, за што опозицијата веќе излегла со цврсти докази дека се работи за чист арамилак, за неквалификуваните и очајни уметници што работеле на овој проект, за неквалитетниот материјал од кој се направени спомениците, кој брзо ќе доведе до нивно пропаѓање.
Најпрвин за Александар. Тој бил и е нарекуван Македонски, од Македонија е и ја ширел македонската култура (која некои како Дројзен фалсификаторот неаргументирано ја нарекоа хеленистичка). Особено е важна македонската /неговата/ идеја на зближување на народите со уважување на различните од себе!!!… Всушност, МАКЕДОНСТВОТО во времето на Александар е најголемиот пик-нај СЛАВНАТА ера на т.н. Словени-Славјани!
Во близината меѓу Сплит и Шибеник е Рогозница, чие античко „елинско“ име е Хераклеја. А Херакле, како што претпоставувам сигурно знае секој поет и макар и скромно инвентивен и образован, историчар на уметноста… – е заштитник на македонската династија. Оттаму безмалку сите од триесетте познати антички Хераклеи, вклучувајки ја именуваната имаат македонски фундамент, во културна, етничка, јазична смисла. А Самуиловото Средновековно Царство се простирало до Задар…
А, Македонија, да?!!… – Македонија е географски поим што, се разбира, е стар илјадници години и тоа е една работа, но во однос на наследството и следбениците на Александар Македонски, барем јас не гледам дека има некоја директна династиска врска. Македонците мене ми се близок народ затоа што и Хрватите, Бугарите и Србите се со словенско потекло и немаме никаква конкретна врска со Келтите, Римјаните, Илирите или Македонците. Тоа биле народи што делумно изумреле или се претопиле во масата на новите народи што доаѓале тука…. Само некои и преживеале.
Ах, да… Македонија со својата географска поставеност претставува раскрсница на неколку главни европски коридори. На нашата територија се вкрстуваат значајни патишта, кои уште од дамнина како најприродни, најкуси и најбрзи сообраќајници ги поврзувале Европа и Азија. И сегашните патни коридори 10 (север – југ) и 8 (исток – запад), воспоставени како паневропски правци, имаат корени од древните патишта. Kоридорот 10 е стариот „Виа милитарис“, преку кој европските крстоносци поминувале за време на своите походи кон светиот град Ерусалим, а Kоридорот 8 е модифицирана верзија на „Виа егнатиа“, пат што во дамнешните времиња ги поврзувал двата најзначајни града на Стариот Свет, Рим и Kонстантинопол.
Таму каде вечно сонце сјае, таму е Македонија… – испеаја во рокерска седморка Рудолф Дадо Топич и групата „Тајм“, во седумдесеттите години во минатиот век. По, Македонија вечна. Македонија на Македонците… искрен стих… народ и земја што ги љубам… одекнува и денес како далечно ехо од заедничкото минато.
„А дали на тие странците што доаѓаат и се ’смеат‘, дали во интервјуата им ги кажувате проблемите за името и ја користите шансата да ја раширите пораката низ светот што се случува кога идентитетот на цел еден народ е оспорен“. Дали сте им кажале дека градењето капии и споменични обележја е најбезболната варијанта на отпор или војна? Дали сте ги прашале сите оние што се смеат од земјите на класичниот барок, со чии пари го направија тој барок во време на колонијализмот? Колку црнечка крв и воени жртви има во „Версај“ или во Бакингемската палата? Веројатно помалку ќе се смееја ако ги активиравме гемиџиите во стварност секаде колу нас. Ова што вас ви е смешно е најбезболниот гемиџиски одговор на апсурдната ситуација за името, јазикот, идентитетот.
Конечно, постои една поговорка – да даде Бог да живеете во интересни времиња. Особено важи за оние новинари, политичари, интелектуалци, архитекти, естетичари со поглед и наклонетост на блиското постземјотресно минато, она кензотангеовско, постмодерно социјалистичко архитектонско обликување.
Потонати во мрачни изгубени /идеолошки/ илузии, тие континуирано го палат фенот божем да спасат што може да се спаси и онака полни со сомнеж, недостоинство и омраза за сопствениот народ и држава протежираат и хранат особен вид екстериторијален
АПСТРАКТЕНАНТИМАКЕДОНСКИ НИХИЛИЗАМ. Нека им служи на чест.
Автор: Аљоша Симјановски