Фото: Игор Бансколиев

Норвежаните се први фаворити во групата Ф, досега настапиле 16 пати на СП, а во 2017 и 2019 година го освоија сребрениот медал. Аргентина е континентален шампион, досега настапи 13 пати во низа на СП, а на СП 2021 се пласира на 11-то место (најдобар пласман). Холандија е селекција во подем, на ЕП 2022 го освои 10-то место (со победи над Унгарија, Португалија и Црна Гора и реми со Хрватска). Првите три селекции од секоја група одат понатаму, а групата на Македонија ќе вкрсти со групата Е (Германија, Катар, Србија и петтопласираната репрезентација од првенството на Африка)

РАКОМЕТ – МАКЕДОНИЈА НА СП 2023

Машката ракометна репрезентација на Македонија ќе игра во групата Ф на претстојното Светско првенство (СП), во 2023 година, во Полска и во Шведска, а за ривали ги доби силната селекција на Норвешка (прв барабан), но и недоволно познатите Аргентина (трет барабан) и Холандија (четврти барабан). Македонија ќе ги игра натпреварите во полскиот град Краков. Тоа е епилогот по ждрепката што се влечеше во Катовице (Полска). Најдобрите три селекции од секоја од осумте групи обезбедуваат пласман во главната групна фаза. Црвено-жолтите, како и пред осум години, но тогаш на Европското првенство (ЕП), исто така играа во Краков, а ако сега обезбедат пласман во главната фаза, тогаш ќе вкрстат со трите селекции од групата Е, во која се Германија, Катар, Србија и петтопласираната репрезентација од првенството на Африка, кое се игра месецов.
Норвежаните се први фаворити во групата Ф. Досега настапиле 16 пати на СП, а во 2017 и 2019 година го освоија сребрениот медал, а на претходното СП во Египет беа шести. На мундијалите со Македонија играле двапати и двапати славеле. Но за обележување е и ремито (31-31) на ЕП 2016, и тоа токму во Краков, каде што и сега ќе играат меѓу себе репрезентациите на Македонија и на Норвешка.
Аргентинците се шампиони од претходните Панамерикански игри, досега настапиле 13 пати во низа на СП, а на минатото СП, во 2021 година во Египет, се пласираа на 11-то место, што претставува нивен најдобар пласман. Досега Македонија не играла меч на СП со Аргентина.

Црвено-жолтите не ги одмериле силите ниту со Холандија, која, пак, со вајлд-карта се најде на овој мундијал, но е селекција што е во подем. Досега има само едно учество на СП, и тоа во далечната 1961 година, кога го освои 11-то место. На Европското првенство во Унгарија и Словачка годинава Холандија се пласира во главната фаза и го освои 10-то место. Притоа ги совлада домаќинот Унгарија (прва фаза), Португалија и Црна Гора, а одигра нерешено со Хрватска. Две години претходно, на ЕП во Австрија, Норвешка и во Шведска, репрезентацијата на Холандија беше 17-та меѓу 24 селекции.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров сите три дуели ќе ги играат во вечерниот термин, од 20.30 часот, и тоа на 13 јануари со Норвешка, на 15 со Холандија и на 17 јануари со Аргентина.
СП вторпат ќе се одржи со вкупно 32 репрезентации, а градови-домаќини се Краков, Катовице, Гдањск и Плок (Полска), односно Стокхолм, Малме, Гетеборг, Јончепинг и Кристијанстад (Шведска). Титулата ја брани репрезентацијата на Данска. Г.И.


СОСТАВ НА ГРУПИТЕ

А (во Краков) Шпанија, Црна Гора, Чиле, Иран
Б(во Катовице) Франција, Полска, Саудиска Арабија, Словенија
Ц (во Гетеборг) Шведска, Бразил, Африка 2, Уругвај
Д (во Јончепинг) Исланд, Португалија, Унгарија, Кореја
Е (во Катовице) Германија, Катар, Србија, Африка 5
Ф (во Краков) Норвешка, Македонија, Аргентина, Холандија
Г (во Кристијанстад) Африка 1, Хрватска, Африка 3, САД
Х (во Малме) Данска, Белгија, Бахреин, Африка 4