Со оглед на чувствителноста на моментот, сакам да посочам дека објавените документи во некои од медиумите не се финалниот предлог кој француското претседателство го сподели денеска со Владата преку Министерството за надворешни работи, објави попладнево на Фејсбук шефот на дипломатијата Бујар Османи.
– Имаме целосно разбирање од јавноста за потребата да бидат запознаени со содржината на предлогот, но во исто време ќе замолиме за кратко трпение со цел да поминат консултациите низ институциите и предлогот соодветно да биде презентиран. Како што беше ветено, почнуваме процес на широки консултации и автентичниот предлог интегрално ќе биде ставен на увид на јавноста – додава Османи во објавата.
Сепак, Османи додаде и дека од Мадрид се враќаат со нов изменет предлог на Француското претседателство кое веднаш ќе биде ставено во процес на институционална консултација и увид на јавноста.
– Огромна благодарност до Претседателот Макрон, целото претседателство со ЕУ, како и на Канцеларот Олаф Шолц, за нивните особени напори да се обезбеди нов ревидиран предлог како нова шанса да се деблокираат европските интеграции на земјава и целиот регион – посочи тој.
Владата денеска соопшти дека од француското претседателство со ЕУ преку Министерството за надворешни работи и бил доставен предлог со идеи кои се однесуваат на нашите јавно изнесени позиции и ставови.
Според премиерот Димитар Ковачевски во овој предлог се земени предвид нашите позиции и барања, додека според претседателот Стево Пендаровски, тој е далеку подобар за нас од претходниот.