КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2023
Македонската кошаркарска репрезентација продолжува со подготовките во Скопје за последните две средби во квалификациите за Светското првенство во 2023 година, со Шпанија на гости в петок и со Украина дома, три дена подоцна.
– Веќе се навикнавме на ваква ситуација, затоа што никогаш досега не бевме комплетни. Сепак, ова е шанса за некои од новите генерации да покажат што знаат и умеат. Нема да биде воопшто лесно со Шпанија и со Украина. Мора да се прикажеме во добро светло, а и за младите да стекнат искуство, а ние сме сите тука да им помогнеме. Имавме солидни моменти во овие квалификации, но не дојдовме до победа. Мислам дека пресуди скратената ротација, ако го имавме целиот тим, можеше да биде поинаку. Добро е и помладите да фатат ритам уште од помлади години за да стекнат искуство, а таленти несомнено дека имаме – вели репрезентативецот Бојан Крстевски, еден од поискусните во актуелниот состав.
Македонија моментно е последна, четврта во групата Г, а трите првопласирани селекции од секоја од осумте групи обезбедуваат пласман во следната фаза. Во случај две репрезентации да имаат ист број бодови, решава исходот на директните дуели на тие две селекции.
Скариоло: Нѐ очекуваат три интересни и тешки меча
Нѐ очекуваат три доста интересни и тешки натпревари. Како и секогаш, имаме многу интересен спој на талентирани и етаблирани кошаркари, кои веќе придонеле многу за националниот тим. Од нив очекувам одговор на следните натпревари. Тие ќе ми дадат одговор за тоа кои од нив ќе помогнат во подготовките за Европското првенство годинава, вели шпанскиот селектор Серџо Скариоло за шпанските медиуми, пред мечевите со Македонија, Грузија и со Украина, во квалификациите за Светското првенство. Г.И.