Прекугранична операција, поддржана од Европол, во која беа вклучени белгиската и холандската полиција, резултира со разбивање организирана криминална група вклучена во повеќе видови измами и перење пари. Во акцијата беа реализирани девет апсења и 24 претреси на куќи во Холандија, а запленети беа огнено оружје, муниција, накит, електронски уреди, готовина и криптовалути.
Криминалната група контактирала со жртвите преку е-пошта, текстуални пораки и преку мобилни апликации за пораки. Овие пораки биле испраќани од членовите на бандата и содржеле линк за таканаречената измама „фишинг“, која води до лажна банкарска веб-страница. Мислејќи дека ги прегледуваат сопствените банкарски сметки преку оваа веб-страница, жртвите биле измамени да им ги дадат своите банкарски ингеренции и овластувања на осомничените.
Според истрагата, криминалната мрежа со оваа измама успеала да украде неколку милиони евра од своите жртви. Тие си ги префрлале овие средства од сметките на жртвата на сопствена сметка, за веднаш потоа да ги претворат во кеш парите добиени со таквата измама.
Според досегашните сознанија од истрагата, членовите на криминалната група биле поврзани и со случаи на трговија со дрога и можна трговија со огнено оружје.


Што е фишинг?

Фишингот е облик на измама што опфаќа збир на активности на неовластени корисници преку користење лажни пораки од е-поштата и лажни веб-страници на поголем дел од финансиските организации, обидувајќи се од корисниците да добијат доверливи лични податоци, како што се ЕМБГ, корисничко име, ПИН-броеви и сл. За жал, голем е бројот на корисници што не се запознаени со овој вид измама. Штом еднаш ќе дојдат до доверливите податоци, злонамерните испраќачи или сами ги користат или им ги продаваат на други криминалци. Во пораките најчесто се повикуваат на лажни веб-страници, кои според изгледот целосно одговараат на веб-страниците на легитимните компании (фирми).