Децата се огледало на функционалноста на едно семејство
Воопшто не е мала бројката на родители што ги носат своите деца во ресторани и кафулиња и на други јавни места и простори. Но, исто така, воопшто не е мала ниту бројката на несовесни родители што ги оставаат своите деца без надзор, без да им го обрнат потребното внимание и без да им посветат време и да им дадат совети како да се однесуваат во јавноста, отворените и затворените јавни простори, кафулињата, кафеаните… Млади родители ги оставаат своите деца да прават буквално што сакаат. Да, сите ќе се согласиме дека станува збор за деца чиј темперамент тешко може да се скроти, меѓутоа тоа не е оправдување децата да претставуваат атака на сите сетила за преостанатите посетители на локалите и јавните простори
Секој има право со своите деца да посетува кафулиња и кафеани, меѓутоа никој нема право на другите гости да им предизвикува нелагодност со врева и несоодветно однесување. Сите барем еднаш во животот сме биле сведоци кога некои родители несовесно ги оставаат своите деца да збеснуваат во кафуле и буквално да го нарушуваат мирот во локалот, не оптоварувајќи се дека со тоа им пречат на другите посетители.
Неодговорното однесување на младите родители
Сопствениците на локали, но и вработените велат дека има разни посетители, меѓутоа дека оние што ги пуштаат децата да прават што сакаат им предизвикуваат големи проблеми, бидејќи се гости, тие не смеат никако да реагираат, а сепак ги губат посетителите поради неодговорното однесување на родителите.
– Имаме секакви гости, од премногу бучни, до такви што доаѓаат само за да одморат од своите деца. Со нив имаме најголем проблем, бидејќи на крајот излегува дека ние им трчаме по децата. Скокаат, врескаат, им пречат на другите посетители, влегуваат во шанковите, прават неред, се бркаат, играат криенка, одат по туѓите маси… И јас имам деца, меѓутоа граница мора да постои. Не можете да им пречите на другите, вашиот избор да носите деца немате право да им го наметнувате на другите, кои дошле да испијат деловно кафе, или пак да ручаат или вечераат. Се соочуваме со секакви ситуации и тоа е навистина мизерно – вели сопственик на ресторан-кафуле во центарот на Скопје, кој не сакаше да биде објавен со име и презиме, за да не ги изгуби посетителите.
Тој вели дека посебен проблем се некои од родителите што имаат дечиња што носат пелени, па чинот на преоблекување го изведуваат пред сите.
– Да, станува збор за мали дечиња и сето тоа е во ред, меѓутоа да менувате полни пелени со измет кога веднаш до вас седат луѓе што јадат е крајно некултурно. Секогаш кога ни било побарано, сме им излегувале во пресрет на тие родители, секогаш имаме достапна просторија за тие намени и никогаш не правиме проблем. Ние сме „чајлд френдли“, но, секако, до некоја граница. Врвот на ваквото однесување е кога ќе ја остават пелената под масата и ќе заминат, а лошата миризба се шири по локалот – вели тој.
Според него, ваквата состојба не е секојдневна, но не е ни изолирана. Тој вели секоја чест на исклучоците, кои седат со своите деца.
– Како што веќе реков, имаме секакви. Некои од посетителите навистина се за пофалба. Ќе дојдат со мали деца што седат на маса, а доколку сакаат да станат, едниот од родителите ги анимира настрана од посетителите. Или пак и да станат, се движат исклучиво околу нивната маса, за да не им пречат на другите – вели тој.
Сопственикот на локалот вели дека децата секогаш се добредојдени, тие се радост и ја развеселуваат атмосферата, но повторно потенцира дека граница мора да постои.
– Како им е дома, дали можат да ги контролираат своите деца, тоа си е нивна работа, меѓутоа се знае во јавност дека треба да постои ред. Ние ги поддржуваме родителите, како што реков и јас имам деца, знам колку се тешки за контролирање денешните деца, меѓутоа, ќе нагласам, граница мора да постои – вели тој.
И посетителите што посведочиле на секакви случки велат дека биле сведоци на секакви случаи.
– Ми се случи еднаш детето на соседната маса да дојде на мојата, каде што бев седната службено, односно имав деловен разговор, и ни ја тресеше масата, по што ги истури кафињата и водите. Кога изреагирав кај мајката, добив низа пцости, навреди и осуди. Жената ми кажа дека ако не сум сакала да гледам и да трпам деца, воопшто не требало да доаѓам во локал и оти требало да одам на планина, што е навистина апсурдно и смешно – вели Ангела Трајкова, редовна посетителка на кафулиња.
Локали со детски реквизити
За да се воведе баланс, голем број угостители изминатиот период инвестираа во набавка на детски реквизити, каде што децата ќе играат и нема да се создаваат проблеми за ниту еден посетител.
– Изминатиот период набавивме голем број лулашки, лизгалки и вртелешки за децата да можат да играат, а нивните родители спокојно да го испијат своето кафе и да направат муабет. Свесни сме дека со денешниот брз начин на живот, родителите се изморени и имаат потреба да одморат и токму затоа се одлучивме за овој чекор. Кај нас има буквално „тепачка“ за маса, бидејќи голем број родители доаѓаат кај нас за да испијат кафе, да јадат, но и нивните деца да се изнаиграат – вели друг сопственик на атрактивно кафуле во Скопје.
Некои од родителите велат дека се свесни оти не можат секаде да одат со своите деца, бидејќи децата се полни со енергија и имаат потреба да ја потрошат.
– Секогаш одам на места што се адаптирани за мали деца. Како што јас не би сакала да ми се нарушува мирот, исто така сметам дека ниту ние не треба да го правиме тоа. Знам каде можам да отидам, знам каде моите деца ќе играат, ќе си поминат убаво и нема да предизвикуваат главоболки за никого – вели Викторија Стојановска, мајка на две дечиња од четири и две години.
Што велат експертите
Според Јелена Ѓиноска, која работи со деца, бидејќи е дефектолог, децата се слика на своите родители.
– Велат дека воспитувањето на децата доаѓа од дома, додека (не)воспитаноста зборува гласно за секој родител надвор од нивниот дом. Колку и да сакаме да ги заштитиме од каква било критика и да бидеме посвесни граѓани, кои не осудуваат и не зборуваат од страна додека нашиот двор бара средување, некои слики остануваат врежани во нашиот мозок засекогаш како лош пример на воспитување. Некои учат од грешките и самосвесно сакаат промена во својата личност најпрво потоа и кај своите најмали и најмили. Дали владее епоха каде што очекуваме од децата и родителите да бидат она што било пред 20-30 години?
Тие деца што биле израснати со поинакви идеали од сегашните, тие се тие родители што ги воспитуваат овие деца. Во поинаков свет со поинакви идеали и поинакви можности. На крајот, секој родител прави најмногу што знае и умее. Во борбата за опстанок во ова општество, во борбата со времето, во борбата сам со себе истура вода во детството на своето најмило – смета таа.
Според неа, секој родител сака да воспита добро дете, способно за живот и со одлични идеали.
– Но колку се постојани во својата желба и работа со своето дете? За воспитувањето на децата најмногу зборува сликата во рестораните, на прослави, родендени и секојпат кога сте излезени со своето дете надвор. Иако тука би напоменала дека доколку неколкупати само сте го виделе детето како е бесно или невоспитано, постои и причина за таа „невоспитаност“. Кога постои неможност за контролирање на импулсивното однесување, кога детето сака да ве послуша ама потребно му е време за да се исконтролира, особено децата помлади од 3 год., кога има сензорна преоптовареност, доколку има примено повеќе информации и било на повеќе места во текот на неколку часа, настанува умор и почнува да дивее – потенцира дефектологот.
Ѓиноска вели дека кога се поголеми раздразливоста и емоционалноста, детето не може да ги контролира своите емоции, особено кога е уморно.
– Кога е гладно, уморно или се уплашило во моментот, тогаш знае да се искаже онака како најдобро умее, понекогаш со лошо однесување. Кога можеме да кажеме дека некое дете е невоспитано? Кога е научено да го добива она што најдобро знае дека ќе го добие само за да биде замолчено. Таа манипулативност ја научило од најмали години. Секое плачење и сцена направена во маркет или ресторан е задоволена веднаш само за родителите да го испијат кафето спокојно или да пазарат без многу врева. Дали е тоа здраво родителство и се вкоренуваат здрави идеали во детето? Или учени се на еден шаблон на казна, груба казна дома, па надвор таа казна не може да се добие пред луѓе за да не се наруши угледот, така што тука го искажуваат своето незадоволство затоа што знаат дека нема да ја добијат таа казна пред други луѓе – нагласува таа.
Според неа, на детето му е потребно да скока, трча, вреска. Наместо да го смирувате, треба да го извадите надвор да шутира топка, да прескокнува пречки и слично.
– Доколку сето ова не го направите каде што навистина може да ги испразни своите батерии и наедно да учи низ игра, детето тие полни батерии ќе мора да ги испразни на места каде што само ќе ве гледаат накосо. Како на пример во ресторани и кафетерии или на гости. Ако детето е незадоволно и тоа незадоволство го искажува секаде и пред сите, на крајот треба да се запрашаме што не е во ред внатре во нашето семејство. Некои деца своето незадоволство го искажуваат на начин што дејствува невоспитано на надворешната средина, некои пак со незаинтересираност и затвореност. И во двата случаи постои проблем. За да се избегне кое било сценарио на лоша слика надвор со вашето дете, секогаш е потребно многу работа и добар план. Носете со себе омилена играчка, сликовница, боенка, за да има со што да се заигра, секако доколку истото тоа го прави и дома и го сака. Секогаш образложете им го својот план однапред на вашите деца, каде ќе одите, што ќе јадете, кои други деца ќе бидат или возрасни што децата ги сакаат и слично. Направете игра како внатрешен глас, објаснете дека луѓето не сакаат врева и вресоци додека јадат и би било забавно да го користиме својот внатрешен глас. Доколку треба, потсетете го и во текот на настанот. Бидете подготвени уште од дома за секое сценарио. Битно е да израснете една здрава единка, која ќе биде пример со кој ќе се гордеете. Секој прави грешки, но доколку тие грешки не се поправат, оставаат голема трага во личноста на детето – нагласува Ѓиноска.