Скапиот гас ја забрзува примената на новите технологии
Водородот би можел да се користи во синтезата на амонијакот за производство на ѓубриво со пониско количество јаглерод, како и во производството на горива со намалени емисии на јаглерод диоксид. Ова најверојатно ќе биде првичната употреба на водородот, кој повеќе од сигурно е дека ќе почне да ја шири својата примена како гориво и во другите индустрии. Ова особено се однесува на тешката индустрија, каде што се користи огромна топлина во производствените процеси, со оглед дека водородот со согорувањето може да создаде високи температури на пламенот, кои се неопходни првенствено во челичарниците и железарниците, како и во фабриките за производство на цемент
Индустријата во Македонија сѐ посилно ги чувствува последиците од војната во Украина и отежнатото и поскапо снабдување со гас. Токму тој факт уште еднаш ја истакна важноста од наоѓање нови алтернативни и еколошки горива што ќе обезбедат непречено одвивање на индустриските процеси, а истовремено ќе бидат еколошки.
Од тие причини, повторно се актуализира примената на водородот како гориво во повеќе сфери, особено во индустријата, која е најмногу погодена од овие геополитички турбуленции во светот, но за да почне неговата примена, потребно е уште сега и веднаш да почне да се работи на потребната инфраструктура и адаптацијата на индустриските постројки.
Во Македонија најголемиот дел од индустриските капацитети го користат гасот во производствениот процес, а тој речиси 100 отсто се набавува од Русија, која изминатите месеци драстично ја покачи цената на овој енергент, но истовремено се закани и дека ќе ги затвори вентилите доколку гасот не се плаќа во рубли, што внесува доза несигурност околу снабдувањето, што може да ги доведе компаниите буквално пред свршен чин ако навреме не обезбедат соодветна алтернатива.
Затоа и државите од Западна Европа ја забрзаа реализацијата на стратегијата за примена на водородот во индустријата, а овој чекор треба да го следи и Македонија доколку не сака да остане заложник на геополитичките состојби.
Водородот веќе во еден дел се користи за индустриските процеси, како што се синтеза на амонијакот, преработка на масло и производство на храна, но извесно е дека водородот ќе влезе и во други сектори, кои сега работат исклучиво на гас или, пак, на фосилни горива.
На пример, водородот би можел да се користи во синтезата на амонијакот за производство на ѓубриво со пониско количество јаглерод, како и во производството на горива со намалени емисии на јаглерод диоксид. Ова најверојатно ќе биде првичната употреба на водородот, кој повеќе од сигурно е дека ќе почне да ја шири својата примена како гориво и во другите индустрии.
Ова особено се однесува на тешката индустрија, каде што се користи огромна топлина во производствените процеси, а со оглед дека водородот со согорувањето може да создаде високи температури на пламенот, кои се неопходни првенствено во челичарниците и железарниците, како и во фабриките за производство на цемент, тогаш повеќе од јасно е дека водородот е гориво на иднината и одлична еколошка замена на гасот, коксот или јагленот.
Но за да може водородот да се користи во овие индустриски процеси, она што треба да го направат компаниите е да направат мали приспособувања во процесната технологија.
Професорот и енергетски експерт Константин Димитров смета дека примената на водородот во индустријата може да биде добра алтернатива на фосилните горива и гасот, но дека сето тоа бара претходни подготовки, кои во Македонија воопшто и не се започнати.
– Треба да се нагодат системите во однос на водородот, бидејќи тој е со поинаков состав во однос на природниот гас што сега го користат, па од тие причини и опремата мора да се приспособи за таков гас. Тоа би подразбирало инсталирање некаков уред, кој сликовито би го опишал како карбуратор во автомобилите, кој би го инјектирал водородот што таму би се палел и би ослободувал високи температури. Кога ќе се адаптираат сегашните технологии на природен гас за работа на водород, дури тогаш можеме да зборуваме за негова употреба – вели Димитров.
Според него, македонското општество е многу скептично за новите технологии и потребно му е дополнително време сето да го прифати тоа.
– Мислам дека ние не сме подготвени како општество во овој момент за оваа технологија, нешто слично како и со нашите размислувања и сфаќања за нуклеарната енергија – појаснува професорот.
За него проблематично е што ние како држава ниту имаме капацитет да произведуваме вакво гориво ниту, пак, инфраструктура да го транспортираме до индустриските постројки.
– Проблем е што моментално ние не можеме ниту да го произведуваме водородот, бидејќи за производство треба да имаме вишок електрична енергија, а ние немаме. Втор проблем е транспортот, односно како тоа гориво на иднината да се донесе до индустриските капацитети. Покрај тоа, треба да се внимава и на неговата експлозивност, така што мое мислење е дека во следните пет години оваа технологија кај нас, во Македонија, нема да биде од некое посебно значење, што не значи дека не треба да се размислува долгорочно за неа и веќе да се планира – заклучува Димитров.