Собранието на Република Македонија в петок ќе ја продолжи седницата на која пратениците расправаат за утврдување на потребата од предлогот на Владата за уставни измени за имплементирање на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција.
Вчера попладневното продолжение на седницата се одржа без пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, откако тие претходно преку соопштение најавија дека се откажуваат од дебатата, нарекувајќи ја јалова, како и дека ќе гласаат против уставните измени. Воедно ги повикаа пратениците од владејачкото мнозинство да се откажат од настапите и да се пристапи кон гласање по владиниот предлог за измени на Уставот.
Во текот на попладневната расправа пратениците од СДСМ кои беа пријавени за збор, го повторија ставот дека сега е време сите што декларативно се залагаат за НАТО и ЕУ да дадат конкретна поддршка на уставните измени.
За парламентарното мнозинство не може да има подобар договор од овој и ако се отфрли на Македонија и се заканува долгогодишна изолација и стипирање на интеграцијата во НАТО и ЕУ.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и натаму со ставот дека Договорот од Преспа е штетен и политички и правно мртов, а при неговото склучување имало непочитување на претседателот и законските одредби од Уставот и Деловникот на Собранието.
Според информациите од Собранието гласањето најверојатно ќе се случи в петок.
Во меѓувреме Владата истакна дека ќе пристапи кон изработка на уставните амандмани дури откако ќе заврши работата во Собранието со изгласување на потребата за нивно изготвување. Владата смета дека е најдобро тие да се подготват заедно со опозицијата односно да се постигне национален консензус.
Ова вчера го истакна владиниот портпарол Миле Бошњаковски на прес-конференција.
– Потребно е да се изгради национален консензус бидејќи како што вели и премиерот пресериозна е работата, додаде Бошњаковски и нагласи дека во врска со начинот на кој ќе бидат формулирани амандманите и што се ќе содржат, ќе биде познато штом ќе заврши гласањето во Собранието.
Разочараност позициите на челниците на ВМРО-ДПМНЕ завчера преку писмо изрази помошникот државен секретар на САД за Европа и Азија, Вес Мичел.
Тој во писмото кое го испрати до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски му порачува дека САД се разочарани од позициите на челниците на оваа партија, вклучувајќи го и него лично.
Мичел му порача на Мицкоски дека Договорот од Преспа е историска можност за Македонија и оти подобар не може да се постигне, бидејќи барал компромис и од двете страни. Му потенцира дека тоа е прилика што веројатно нема да се повтори со години, ако не и со децении.
Нема да Ве изненади, додава Мичел, што ние сме разочарани од позициите на челниците на ВМРО-ДПМНЕ како во однос на референдумот, така и во врска со чекорите во Собранието за промена на Уставот.
– Ве поттикнуваме да создадете простор, во јавноста и приватно, за пратениците од Вашата коалиција да одлучат како ќе гласаат за уставните промени, ослободени од закани од насилство, одмазда, или друг облик на принуда. Ова е историски важен момент за Вашата земја, момент што бара храбро лидерство и зрелост. Како вистински пријател и поддржувач на Македонија. Ве поттикнуваме да ги тргнете настрана партиските интереси со цел унапредување на заедничките стратешки интереси и обезбедување на посветла иднина за вашите граѓани во европското семејство на народи, стои во писмото на Мичел до Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера писмено му одговори на Мичел, нагласувајќи дека се надева оти многу скоро Република Македонија ќе биде дел од НАТО И ЕУ семејствата, но „горда и достоинствена, а не понижена, обезличена и омаловажена“.
Повтори дека Договор е штетен за интересите Македонија и како таков е неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на дејствувањето на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кон уставните измени, Мицкоски, додава дека тие се резултат на претходно изграден став.
– И можам да ве уверам дека доколку има некакви информации за закани, уцени или било какви обиди за влијание врз нивното одлучување и одлучувањето на било кој пратеник тогаш тоа е од кругови или поединци кои не се дел од структурите на мојата партија. Јас не прифаќам таков начин на делување и истиот го осудувам, вели Мицкоски во неговото писмо до Мичел.
Во меѓувреме се случија превирања и на грчката политичка сцена, откако вчера оставка поднесе шефот на дипломтијата Никос Коѕијас, а премиерот Алексис Ципрас по прифаќањето на оставката излезе со охрабрување до Македонија за завршување на обврските од Договорот од Преспа.
Ципрас ја прифати оставката на Коѕијас и му се заблагодари за неговиот придонес во Владата и за земјата во изминатите три и пол години и нагласи дека ќе го преземе раководењето со грчкото МНР „за да помогне со сите сили за успешно завршување на Договорот од Преспа“.
– Сакам да ги охрабрам соседите да продолжат со процесите, смело и решително да го направат одлучувачкиот чекор во завршување на обврските од историскиот Договор од Преспа, затоа што нема да постои друга можност, рече тој во изјава по прифатената оставка на Коѕијас.
Ципрас објасни дека со болка во срцето ја прифатил оставката на Коѕијас, истакна дека оваа одлука, но и одлуката тој самиот да го презеде МНР во следниот период е одлука со повеќе пораки, како кон надворешноста, така и кон внатрешноста, но и кон неговата влада, дека нема да толерира „никаква лична стратегија во националната линија на земјата“ и во исто време дека нема да толерира од никој, свесно или несвесно, да го загрози текот на земјата кон излез од кризата.
Пред и официјално да биде соопштена оставката на Коѕијас, грчките медиуми објавија дека тој се заканил дека ќе поднесе оставка поради тоа што не добил доволна поддршка од грчкиот премиер во кавгата со Панос Каменос за време на завчерашната владина седница.
Несогласувањата меѓу двајцата министри Каменос и Коѕијас, како што веќе објави МИА, прераснале во жолчна расправија. Според грчките медиуми, од една страна поради ставовите на помалиот коалициски партнер во Владата, Независни Грци во однос на Договорот од Преспа и надворешната политика, а од друга страна, атмосферата се вжештила и кога Каменос ги споменал тајните фондови во грчкото МНР.