Групата „Мизар“ одржа концерти во Љубљана, Загреб и во Риека
Од мини-турнејата, Горазд Чаповски го издвои концертот што се одржа во Загреб, во состав на манифестацијата „Лето во музејот за современа уметност“, каде што истата вечер настапи и хрватската дарк-група „Фантазмагорија“
Култната македонска група „Мизар“, која лани одбележи 40 години постоење, а неодамна доби и своја монографија, од авторот Тошо Филиповски, прва за еден рок-бенд во нашата земја, деновиве се врати од гостувањето во Хрватска и во Словенија, каде што одржа серија успешни концерти.
– На 2, 3 и 4 јуни свиревме во Љубљана, Риека и во Загреб, а претходно на 29 мај одржавме концерт во Кочани, во рамките на првиот фестивал за музичка публицистика во Македонија. Морам да признаам дека бендот одамна не звучел олку добро, а и реакциите на публиката и на медиумите во Хрватска и во Словенија го потврдија тоа. Одлична екипа сме со: Зоран Тортевски (вокал), Александар Ристовски-Принц (гитара, синтисајзер), Пеце Китановски (бас), Ѓорѓи Божиков (тапани) и јас на гитара. Сите сме со различни сензибилитети, ама сочинуваме една интересна целина. Медиумската кампања на нашите дискографски издавачи „Далас рекордс“ од Љубљана беше на извонредно високо ниво. Дадовме многу интервјуа, беа напишани многу статии и во весниците и на интернет, на телевизија и на радио. Исто така и реакциите на публиката беа одлични, па затоа со истиот елан продолжуваме понатаму – ни рече Горазд Чаповски, лидерот на „Мизар“ и единствен член од првиот состав на групата.
Тој дополни дека за него и за членовите на „Мизар“ од последните концерти најуспешен бил оној што се одржал во Загреб, во состав на манифестацијата „Лето во музејот за современа уметност“, каде што истата вечер настапи и хрватската дарк-група „Фантазмагорија“. При крајот на концертот, Томи Фантазма и Даворка отпеаја две песни на „Мизар“ со членовите на групата, „Девојка од бронза“ и „Дождот“, докажувајќи дека за културата и за духовноста не постојат граници.
На концертот му претходеше проекција на документарниот филм за „Мизар“, една од првите групи во поранешна Југославија што исполнуваше дарк-музика.
„Мизар блесна на концертот во Загреб. Зоран Тортевски вокално одработи сѐ како што треба, а фасцинантни беа и другите членови на групата, особено тапанарот и соло-гитаристот, со низа предизвикувачки ’брејкови‘ и соло-делници. По официјалниот крај, членовите на ’Мизар‘ отсвиреа неколку биса“, напиша Иван Дукиќ во својот извештај од концертот.
Ангажираните политички теми во песните се константа
Во освртот за концертот во Загреб на Ива Естерајхер, за порталот „Перун.хр“, беше истакнато дека настапот почнал со песната „1903“ – референца за Илинденското востание. „Тоа е поддршка за македонската самоопределба и допирање политички ангажирани теми, што не е ново за бендот туку константа“.
Во интервјуто на Зденко Матоз со Горазд Чаповски за словенечко „Дело“, лидерот на групата истакнува дека за време на четирите децении постоење низ групата поминале десетици музичари и креативци и секој од нив оставил дел од себе во музиката што се создавала.
– Ние „мизаровци“ засекогаш сме поврзани со сјајот на нашата ѕвезда со ова име, која засекогаш ќе биде дел од нашите животи. Сакам да кажам дека „Мизар“ не е самостоен проект, туку колективно, тимско дело, кое бара длабока синергија на сите учесници – потенцира Чаповски за „Дело“.
Во интервјуто за РТВ Словенија со Пина Габријан, Горазд Чаповски, меѓу другото, вели дека во раните години на „Мизар“ на групата големо влијание имала агонијата на некогашната држава, која умирала пред нивните очи. За одуката да пеат на сопствениот, мајчин, македонски јазик тој тврди: „Има ли нешто поприродно отколку да пеете на својот јазик, оној на кој зборувате“.
Во најавата за концертот во „Јутарњи.,хр“ на Александар Драгаш се вели дека „поради кокетирањето со православието и поддршката на македонската самоопределба, во раните години, а и подоцна, во Македонија на ’Мизар‘ се гледало со сомнежи, а некои од песните и се цензурирале“.
Шестото откровение наскоро
Авторот Зоран Стајчиќ, кој направи интервју со Чаповски за порталот „Равно до дна“, го праша лидерот на „Мизар“ што донесува најновото откровение.
– Шестиот албум на „Мизар“ можеби е најкомплексниот музички материјал на кој досега сум работел. Од почетоците кога се создаваше во ненормални услови, па сѐ до неговата реализација, ова често ми изгледаше како невозможна мисија. Ако биде сѐ како што треба, новиот албум ќе се појави за неколку месеци и меѓу другото, во него ќе се пее и за слободата. Всушност, целата историја на човештвото е хронологија на борбата за слобода, која, за жал, останува да биде чиста утопија. Слободата и натаму е флуидна категорија, која егзистира единствено во некои конвенции и декларации за човекови права. Всушност, слободата и во 21 век е само мртво слово на хартија – вели Чаповски.
За успехот и долговечноста на „Мизар“, тој вели дека „музиката е емоција, нешто што го носиш во себе“.
– Уште на почетокот бевме искрени и целосно релаксирани, не правевме компромиси за да ѝ се додворуваме на публиката и тоа беше тоа. Но, еве тука сме да ја продолжиме оваа приказна што трае 41 година. Сепак, она што е зад нас не се само години „што ги изедоа скакулците“ – вели првиот човек на „Мизар“ за порталот „Равно до дна“.
А во интервјуто за порталот „Новости.хр“, непосредно пред концертот во Риека, запрашан како денес гледа на почетоците, Чаповски вели:
– Иако поминаа доста години и многу нешта се сменети, сѐ уште го чувствувам истиот адреналин како кога имав 16 години, кога го имав првиот официјален настап пред публика.