Се поставува прашањето кој ќе ја преземе работата на Балкан енерџи груп (БЕГ) наесен, откако Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) соопшти дека во тек е постапка за одземање на лиценците на БЕГ за производство, дистрибуција и за снабдување со топлинска енергија.
Една од можностите кои се спомнуваат меѓу познавачите на состојбите е Град Скопје да ја преземе работата на БЕГ, а друга е дејноста да продолжи да ја врши ЕСМ, како за време на прогласената кризна состојба. Трета опција би била распишување на тендер на кој ќе се изврши избор на приватна компанија.
– Очекувам ЕСМ да ја преземе работата на БЕГ преку државата, бидејќи Град Скопје нема капацитети за такво нешто. Се очекува цената на парното греење да се зголеми. Сѐ ќе зависи од евентуалниот договор помеѓу ТЕ-ТО и ЕСМ – вели универзитетскиот професор Константин Димитров во изјава за „Нова Македонија“.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, за медиумите истакна дека управувањето со парното греење е прашање за централната власт бидејќи проблемот е голем ги надминува буџетите на локалната самоуправа, додека министерот за економија Крешник Бектеши јавно ги повика градските власти да аплицираат за лиценца во РКЕ, согласно законот со комунална дејност. Тој додаде и дека државата ќе ја решава ситуацијата, доколку градските власти немаат капацитети.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, на завчерашната прес-конференција најави дека Владата е должна да распише тендер за вршење на соодветна регулирана енергетска дејност, во согласност со законот за енергетика, по одземањето на лиценците на БЕГ. Откога ќе се распише тнедерот ќе се избере нов вршител на енергетска дејност и тој ќе продолжи да ја врши дејноста како што ја вршел претходниот, според Бислимоски.
Првиот човек на РЕК нагласи дека за одземањето на лиценците нема да има реперкусии и ниту граѓаните, ниту, пак, индустријата нема да плаќаат ниту еден денар, рече Бислимоски. Тој уверува дека сите постапки ќе бидат завршени на време, а до нивното завршување, како што кажа, постојниот вршител на енергетската дејност е должен да ја врши дејноста. М.Ж.