Анализа (второ продолжение)

Ставовите во анализата на угледниот „Њујорк тајмс“ беа пренесувани и разгледувани во повеќе медиуми во регионот. „Геополитика њуз“ направи посебен осврт за споменатата анализа, а аналитичарот Зоран Метер се осврна на неколку клучни точки за новонастанатите процеси, по кои „ќе се воспостават нови правила и нови односи на силите, а светот што до неодамна го познававме ќе изгледа сосема поинаку…“

Вториот клучен елемент – пукнатините во западното единство

Хенри Кисинџер – претставник на американскиот (гео)политички реализам, на неодамнешниот Светски економски форум во Давос, зборувајќи за состојбата во Украина, изјави дека би било најдобро оваа земја да биде неутрална и „мост“ помеѓу Русија и Западот, како и дека Киев би требало да биде подготвен да прифати одредени територијални отстапки во корист на Москва. Понатаму, Кисинџер потсети на „400-годишната врска“ меѓу Русија и Европа, укажувајќи на опасноста за Европа во случај на нејзино прекинување.

Секако, „магионичарот“ во американската политика добро знае дека во спротивно следува „руски бег“ кон Истокот (што веќе се случува и не може да се смени) – а тоа е најголемо тектонско геополитичко нарушување, кое во никаков случај не е во интерес на Западот. Меѓутоа, тешко е веројатно дека владејачката западна елита ќе го послуша творецот на култната книга „Дипломатија“ – круцијален учебник за оние што сакаат професионално да се занимаваат со оваа проблематика.

Сорос контра Кисинџер

Не губејќи време на негативните остри реакции на Киев во однос на Кисинџеровите изјави, да се навратиме на зборовите на еден друг познат американски учесник на форумот во Давос, чиј настап беше еден ден по оној на Кисинџер. Станува збор за неговиот антипод – глобалист – Џорџ Сорос. Зборувајќи од сосема спротивна позиција, тој рече дека е крајно неопходно да се обезбеди пад на Путин со какви било средства.
Овие две изјави најубаво укажуваат на сериозноста на проблемот со кој се соочува колективниот Запад. Иако поголемиот дел од американската елита во однос на украинското прашање се позиционира на страната на Сорос, во САД и во Европа расте загриженоста дека во случај на неуспешно „рушење“ на Русија, последиците ќе бидат катастрофални и за нив.

Пред да се фокусираме на некои од овие стравови, да се потсетиме на реченицата на Владимир Путин, изречена на 26 мај, за време на Евроазискиот економски форум во Бишкек: „Со санкции и забрани кон државите што сакаат и спроведуваат политика на независност, ниту еден светски ’џандар‘ не може да го запре овој глобален процес. Нивната желба за тоа ќе пропадне откако ќе бидат соочени со проблемите во сопствените држави… Русија може да биде изолирана само доколку таа самата се затвори во своите граници, но ние нема да го сториме тоа. Ќе продолжиме да ја развиваме соработката со сите земји во светот…“

Италија, Унгарија, Кипар: Некои од државите на ЕУ бараат итен дијалог со Москва

Споменативе три држави, засега само едни од ретките, бараат од Киев да се почне итен дијалог со Москва, чија цел е да се запре војната. Тие соопштија дека ова ќе го побараат веќе на следниот самит на ЕУ. Од друга страна, италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи ди Мајо испрати до ОН и до партнерите од групата Г7 предлог за мировно решение во Украина, кој вклучува прекин на огнот, неутрален статус на земјата, како и договор околу „спорните територии“ и генерален мултилатерален договор за безбедносни гаранции во Европа. Предлогот, наводно, е во почетна фаза на расправа и би можел да стане темел на преговарачкиот процес.
Ваквите „срамежливи“ иницијативи во „морето“ на западната антируска хистерија можеби изгледаат нејако со оглед на важноста, особено во однос на двете последни земји во рамките на ЕУ и носењето одлуки во Унијата, но никако не се без основа. Сè повеќе расте бројот на оние и во другите земји-членки, кои се свесни за потенцијалната бездна кон која се лизгаат нивните економии во контекст на силната санкциска војна против Москва – најчесто директно против своите интереси и на сметка на мантрата за неопходноста од покорување на Русија по секоја цена, мантра што синхронизирано ја протежираат Вашингтон, Лондон и Брисел.

Во таа смисла, за време на минатонеделната посета на Сараево, британската министерка за надворешни работи рече дека сега никако не смее да престане воената помош за Украина, исто како и санкциите, кои мора да ѝ овозможат победа во војната, па затоа Западот сега не може да ја тргне ногата од „педалот за гас“.

Сепак, сево ова се случува во момент кога непопуларноста на американскиот претседател ги руши сите рекорди. Минатата недела популарноста на Бајден падна на само 36 отсто, што претставува најлош резултат за еден американски претседател откако постојат ваквите анкети. Проблемот на Бајден е уште поголем, ако се знае дека тој е на власт само неполна година и пол. Покрај тоа, тој се соочува и со критики од страна на американскиот крупен бизнис (освен од воено-индустрискиот сектор, кому му „цутат рози“), чии очекувања тој не ги исполни: инфлацијата достигнува историски високи нивоа, а акциите на голем број големи компании на берзата се „во црвено“.

Пред две недели, њујоршката берза забележа негативен рекорд во однос на падот на акциите, незабележан уште од времето на големата депресија (1932). Компании како „Амазон“, „Епл“, „Мајкрософт“, „Тесла“… за само еден ден изгубија милијарди долари.
Затоа не е никакво чудо што првиот кому „му пукна филмот“ е токму сопственикот на „Тесла моторс“ и најбогат човек во светот, Елон Маск, чија компанија активно соработува со НАСА и Пентагон. На 18 мај, Маск го напиша следново на својот твитер-профил:
„Во минатото гласав за демократите, затоа што тие во суштина беа партија на доброто. Но тие станаа партија на раздорот и омразата, затоа веќе не можам да ги поддржувам и ќе гласам за републиканците. А сега следете како ќе се крене нивната валкана кампања против мене…“

Интересно е што Маск штотуку го купи Твитер и дека тоа би можело да му создаде нов простор на прогонетиот од мејнстрим-медиумите Доналд Трамп. Во меѓувреме, поддршката за него во САД расте: републиканските кандидати што ги предложи или поддржа Трамп на предизборите за Конгресот – како оние неодамнешните во Пенсилванија – извојуваа победи, а меѓу нив беше и популарниот д-р Оз, личен пријател на Доналд Трамп.

(Продолжува)

Утре: Голем пресврт во известувањето на американските мејнстрим-медиуми – разбудена совест или наредба одозгора?