Фото: ФФМ

ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИТЕ

Во четвртото коло, Македонија убедливо го совлада Гибралтар (4-0), а Грузија ремизира со Бугарија дома (0-0)

Македонија очекувано забележа убедлива победа над аутсајдерот Гибралтар, со 4-0, во четвртото коло во Лигата на нациите во Скопје, лига Ц, група 4. Македонските фудбалери ја завршија целата работа во првиот дел кога за триесетина минути постигнаа четири гола (Енис Барди во четвртата, Греам Торила во 14-та, автогол, Бојан Миовски во 16-та и Дарко Чурлинов во 31-та минута).

По четирите кола, Македонија е втора во групата со седум бода, три помалку од Грузија, која не успеа да ја совлада Бугарија (0-0) на домашен терен во Тбилиси. Тоа значи дека Македонија ги задржа шансите за освојување на првата позиција во групата што, пак, води во повисок ранг во ова натпреварување, односно во лигата Б во следниот циклус натпревари и играње во плејофот за пласман на Европското првенство (ЕП) 2024 година. За такво нешто ќе биде потребна победа над Грузија на гости во септември, како реванш за убедливиот пораз во третото коло, во Скопје (0-3), а потоа и триумф дома над Бугарија, со која ремизиравме во првото коло (1-1) во Разград.

Македонија досега одигра променливо, а особено потфрли на мечот со Грузија дома, кога загуби убедливо. Една од главните причини за тоа, според селекторот Благоја Милевски, биле заморот и исцрпеноста кај повеќето фудбалери по напорната сезона во клубовите. Поради тоа, тој на мечот со Гибралтар направи повеќе измени во составот што се покажа како добро, посебно во првото полувреме. По сѐ, Милевски вели дека е задоволен од ефектот на минатите четири натпревари, освен на мечот со Грузија.
– Јуни е тежок месец за играње фудбал, ова е период по завршување на првенствата. Треба да се направи некаква стратегија, меѓутоа рацете ни се врзани, па затоа репрезентативците ќе треба сами да ја одржуваат физичката подготвеност. Можеби јас и играчите жалиме за Грузија, бидејќи педесетина-шеесетина минути игравме добро, но не ги искористивме нашите шанси. Сепак треба да се знае и дека ние не сме во натпреварувачки ритам, за разлика од Грузијците, чие првенство е во тек. Загубивме, но одиме понатаму, ќе видиме што ќе се случува до крајот во Лигата на нациите.

Момците покажаа добар пристап, кој е за секоја пофалба, честитки до моите играчи и желбата за успех. Благодарен сум им на сите нив, бидејќи одвоија денови од одморот што заслужено им припаѓа. Овој тим, без разлика на противникот, секогаш има максимален респект. Повторно не сум задоволен од реализацијата. Инсистирам на баланс помеѓу нападот и одбраната. Ако анализираме ситуации на мечевите со Португалија, Бугарија и Грузија при транзиција, во сите ситуации имаме неколку играчи вишок, а имаме играчи и во одбрана. За моменталниот фокус и за поставеноста на играчите може да се дискутира, но сметам дека секогаш имаме контрола врз ситуациите, но не може да се предвиди индивидуалната реакција. Јас барам фокусираност, движење во дефанзива и офанзива – изјави селекторот Милевски.