Суровите ѕверови од сите облици и големини можат да бидат многу смртоносни. Некои од нив активно предизвикуваат голем број човечки смртни случаи. Прочитајте кои се петте најсмртоносни животни, според порталот „Конде наст травелер“.
Нилски коњ: Африканските нилски коњи убиваат повеќе луѓе од кое било друго големо животно во светот. Мажјаците најчесто убиваат бранејќи ја својата територија, додека женките стануваат агресивни бранејќи ги своите младенчиња.
Крокодил: Морскиот крокодил е најголемиот рептил во светот што живее во реките на Азија, Африка и на Австралија. Тие се вешти ловци. Очите и ушите им се наоѓаат високо на главата, што им овозможува подобро да го гледаат и слушаат својот плен, кој брзо ќе го совладаат благодарение на брзината и силата. Од нивните напади годишно умираат околу 800 луѓе.
Конусен морски полжав: Нивните скриени „заби“ налик на харпун содржат комплексен отров познат како конотоксин, што ги прави едни од најотровните видови полжави. Овие полжави живеат во Индиски и Тихи Океан и се со големина од 2,5 до 23 см.
Змија: Индиската кобра е една од четирите големи отровни видови што предизвикуваат најмногу каснувања кај луѓето во Индија. Змијата одговорна за повеќето смртни случаи е всушност поскокот.
Комарец: На врвот на листата на најсмртоносните животни во светот е инсект што не расте повеќе од еден сантиметар. Станува збор за комарците, инсекти што пренесуваат маларија, жолта треска, вирусот западен нил и многу други болести. Илјадници луѓе годишно умираат од нивните убоди низ светот.