Во Соборниот храм на Вселенската Патријаршија „Св. Георгиј Победоносец“ во Истанбул утрово почна првата заедничка Патријаршиска и синодална света литургија меѓу вселенскиот патријарх г. Вартоломеј и архиепископот охридски г.г. Стефан, по примањето на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство единство со останатите православни цркви, со што се отстрани повеќедецениската шизма наложена врз нашата црква.
На литургијата предводена од поглаварите на двете цркви ќе присуствуваат и митрополитите дебарско-кичевски г. Тимотеј и преспанско-пелагониски г. Петар, како и епископите хераклејски Климент и антаниски Партениј, повеќемина ѓакони, како и монаси од Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ и монахињи од манастирот Рајчица „Свети Георгиј Победоносец“.
Во состав, пак, на владината делегација, покрај премиерот Димитар Ковачевски ќе бидат и министрите за надворешни работи Бујар Османи, за одбрана Славјанка Петровска и за внатрешни работи Оливер Спасовски. Предвидено е членовите на владината делегација да бидат примени од вселенскиот патријарх Вартоломеј, а покрај тоа тој ќе има и одвоена тет-а-тет средба со премиерот Ковачевски.
На Патријаршиска и синодална света литургија, меѓу другите, најавено е присуство и на стотици верници од земјава, кои специјално допатуваа во Истанбул по повод значајните настани кои деновиве се случуваат во древниот Фанар.
Во четвртокот патријархот Вартоломеј на архиепископот Стефан му го предаде Патријаршискиот и синодален акт на Вселенската патријаршија за примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство. Во петокот се одржа и празничната литургија по повод именденот на вселенскиот патријарх на која молитвено присуствуваа и членовите на нашата црковна делегација.
Одлуката на Светиот патријаршиски синод за отстранување на шизмата и примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви беше донесена на синодското заседание на 9 мај, со што практично Вселенската патријаршија ја призна црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспостави канонско и литургиско општење со неа.
Предавањето на Патријаршискиот и синодален акт за отстранување на шизмата не значи и давање томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на нашата црква, туку е израз на татковска љубов и грижа од страна на Вселенската патријаршија и претставува објава дека таа повеќе не е во шизма и раскол со севкупната православната црква и нејзините свештенослужители можат да сослужуваат со свештенослужители од другите помесни православни цркви.
За утврдување на конечниот статус ќе следуваат дополнителни преговори.
Процесот до конечно добивање на официјалниот томос за автокефалност од Вселенскиот патријарх, како што минатата недела изјави митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј, започна на 4 јуни со врачувањето на документот од страна на патријархот српски Порфириј на архиепископот Стефан, со кој се потврдува одлуката на Српската православна црква, објавена на 24 мај по нивното сослужување на заедничката литургија во Соборниот храм во Скопје, со која СПЦ ја одобри и упати благослов за автокефалноста на МПЦ – Охридска Архиепископија, ставајќи крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.
Потегот на патријархот Вартоломеј и на Вселенската Патријаршија претставува историски настан, бидејќи со него конечно се исправи долгата неправда нанесена врз нашата црква и со признавањето на нејзината каноничноста се стави крај на речиси седумдесетгодишната изолација на возобновената Охридска Архиепископија.
Настанот можете да го погледнете на следното видео: