Од почетокот на војната ниту едно оружје не беше ефективно за Украинците колку противтенковските ракети „џавелин“ што ги добија од САД, но американските залихи се при крај, тврди „Блумберг“. Војната истроши речиси една третина од американскиот арсенал на ракетите „џавелин“, а Пентагон за неколку месеци нема да биде во состојба да испорачува нови пратки без да ги испразни сопствените залихи, според американската медиумска компанија.
Војната исто така истроши една четвртина од американските противвоздушни ракети „стингер“, а произведувачот „Рајтеон“ соопшти дека ќе му биде потребна до една година за повторно да почне со производство (американската армија издаде договор вреден 625 милиони долари за таа цел).
Финансискиот пакет вреден 40 милијарди долари помина во американскиот Конгрес минатиот месец, со цел за обновување на резервите. Но проблемот е подлабок во однос на краткорочното снабдување. За воените планери и добавувачи приоритет претставуваат скапите борбени авиони и носачи на авиони, отколку производството на самото оружје.
Прекините во синџирите на снабдување со микрочипови, предизвикани од пандемијата на ковид-19, ја влошија ситуацијата. Згора, постои недостиг на квалификуван кадар во одбранбената индустрија, при што на Пентагон му станува потешко да го забрза производството.
– Слабостите во синџирите на снабдување на Пентагон се закана, не само за помошта за Украина, туку и за способноста на Америка да одговори во идните кризи – наведува Блумберг, напоменувајќи оти САД досега испорачале околу седум илјади ракети „џавелин“ на Украина.
Законското решение за проблемите, според Блумберг, зависи од американскиот претседател Џо Бајден.
– Бајден ја потенцираше воената помош за Украина како знак дека Америка повторно е „арсенал на демократијата“. Тој треба да осигури дека арсеналот нема да се испразни – се заклучува во написот.