Во рамките на 13. фестивал на класична гитара „Тремоло“ концерт ќе одржи Милош Вуковиќ од Србија, во Музејот на македонската револуционерна борба, денеска, од 19.30 часот.
Милош Вуковиќ (Смедеревска Паланка, 1996 г.) го завршил средното музичко училиште „Д-р Воислав Вучковиќ“ во Белград, во класата на проф. Милкица Поњавиќ како студент на генерацијата, а дипломирал на Факултетот за уметности во Ниш, во класата на професор м-р Весна Петковиќ. За време на школувањето учел од еминентни домашни и странски гитаристи, меѓу кои Никита Кошкин (Русија), Хоакин Клерч (Куба), Едуардо Фернандез (Уругвај), Анабел Монтесинос (Шпанија), Александар Свете (Австрија) и други. Во првата година од студирањето му е доделена Годишната награда на Факултетот за уметности во Ниш за исклучителни резултати во сценската уметност. Неговиот репертоар опфаќа голем број дела, од ренесансата до музиката напишана во 20 век, а покрај концертните активности се занимава и со истражувачка работа. Настапувал како солист со диригентот Петрос Стилијану (Кипар) и во музејот „Бенаки“ во Атина. Покрај солистичките концерти, редовно настапува како член на камерните состави: „Трио де Женеиро“ и гитарскиот квартет „4Џис“, со кои има остварено голем број настапи во Србија и во странство.
Пред некоја година бевте победник на натпреварот за класична гитара на фестивалот „Тремоло“ во Скопје, а годинава имате солистички концерт. Какви се вашите впечатоци од овој фестивал?
– Да, јас бев добитник на првата награда на натпреварот во Скопје во 2018 година во најстара категорија, а впечатоците што ги носам од овој фестивал се извонредни. Атмосферата што владее во Скопје е поинаква од кој било друг град, а организацискиот тим, предводен од организацискиот тим на детскиот културен центар „Карпош“, предводен од директорката на центарот и на фестивалот, Билјана Лачевска Серафимовска, и уметничкиот директор, Дарко Багески, прави сѐ фестивалот да биде навистина уникатно искуство за секој учесник. Мислам дека гитарскиот фестивал „Тремоло“ за релативно кратко време доживеа експанзија. Да се видат толку многу големи имиња од светот на гитарата во Скопје само во последните неколку години е навистина неверојатно.
Што ви значеше ова признание лично во кариерата?
– Самата награда значеше потврда за добрата, долга и би рекол квалитетна работа, имајќи ги предвид луѓето што беа во жирито и ме оценуваа. Исто така, секоја награда на меѓународен натпревар е голем поттик за понатамошна работа.
Кога и како започна љубовта кон класичната гитара кај вас?
– Почнав да свирам гитара на десет години и немам многу интересна приказна за интервју за тоа како сето тоа започна. Добив гитара и почнав да учам со мојот наставник во основното музичко училиште. На почетокот, сè изгледаше несериозно, како форма на забава за десетгодишно дете. Моите родители, исто така, не сметаа дека свирењето гитара е работа што сериозен човек треба да ја работи во животот. Со текот на времето сѐ стана многу посериозно, имаше голем број настапи, натпревари, први награди, а еве, денес и оваа покана за солистички концерт.
Што ви е најважно кога свирите, техничката подготвеност, квалитетот на звукот, стилските карактеристики…?
– Сè што наведовте, но и многу други работи се неизбежни и неопходни за успешна интерпретација на едно дело, но и за реализација на целиот концерт. Покрај техничките барања што ги бараат делата, сметам дека разбирањето и интерпретацијата на музиката, особено мислам на современата и музиката напишана во 20 и 21 век, која е главната област на мој интерес, е клучен фактор.
Колку се важни ваквите фестивали и натпревари за промоција на класичната музика, особено за помладите изведувачи?
– Класичната музика дефинитивно не е меѓу најпопуларните жанрови во моментов, а фестивалите од овој тип се важни за промоција на класичната гитара и воопшто на уметничката музика. Благодарение на нив, помладите генерации одлучуваат да се занимаваат со музика.
Има ли многу можности за настапи во Србија, тешко ли е да се дојде до настап на сцена?
– Има некои можности за настапи во Србија, но може да има многу повеќе. Мислам дека е најтешко за нас што го правиме ова искрено, и затоа што навистина го сакаме. Тешко е да се дојде до концерт, но поважно е да не се откажуваш и да се бориш.
Каква е вашата гитарска сцена, како ја оценувате?
– Мислам дека нивото на свирење во Србија, но и во Македонија, е исклучително високо.
Во Србија има многу фестивали за гитара и млади луѓе, кои се ентузијасти и кои сакаат да го подигнат стандардот едно скалило погоре. Покрај тоа, имаме многу деца што свират одлично, па ми се чини дека домашната сцена ќе има светла иднина.
Како ви поминаа овие две пандемични години, без настапи во живо на сцена?
– Можам да кажам дека овие две пандемични години имаа исклучително лошо влијание врз уметниците, од една едноставна причина, а тоа е дека уметниците се луѓе што треба да комуницираат (да настапат, да одржуваат концерти, изложби итн.), што за нив беше практично во овој случај забрането. Сепак, продолжуваме да се бориме, полека се враќаме на сцената и го работиме она што го сакаме.