Министерството за правда продолжува да ја реализира сопствената замисла за носење на нов Изборен законик во кој ќе бидат содржани правилата на изборната игра, за изборниот процес кога и да се случува, рече вечерва министерот за правда Никола Тупанвевски.
Тој, во гостувањето во емисијата на Телевизија 24 посочи дека најголемиот дел од политичките партии номинирале свои претставници во работната група составена во Министерството за правда за носење на нов Изборен законик, освен две – ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА. Рокот за номинирање претставници истече вчера, а министерот Тупанчевски имал и неформални разговори со лидерите на овие две партии.
Тупанчевски е оптимист дека двете партии ќе номинираат претставник, бидејќи, како што рече, тоа е најдобриот начин да ги артикулираат сопствените ставови, а претставниците во работната група ќе се обидат да го најдат најоптималното решение за македонски околности.
– Апсолутно ќе разговарам со лидерите, затоа што таа е првична идеја, но идејата ќе биде и реализирана затоа што веќе е разговарано со неколку луѓе коишто би требало да ја предводат таа работна група, а ќе бидат од непартискиот блок – рече Тупанчевски, посочувајќи дека станува збор за експерти, непартиски луѓе чија потесна специјалност ќе биде изборно право и изборни системи.
Тој додаде дека разговарал со неколку луѓе и верува дека за кратко време ќе биде конституирана групата.
Прашан дали верува во судството, министерот истакна дека доколку не верувал, немало да се нафати да биде министер за правда.
– Цело време се коментира едноцифрениот број во довербата на судството. Тоа е осум проценти. Повторно ќе кажам ако не верував, немаше да се занимавам и да се нафатам на оваа работа и да бидам министер за правда. Ќе направам сѐ што е во рамките на моите можности. На што би личело доколку министерот не верува во судството – рече Тупанчевски околу тоа што мисли општеството за правосудството.
Според него, нема да биде лесно и веднаш, но сепак смета дека не е невозможно.