Денеска се навршуваат 24 години од смртта на Драган Богдановски, идеолог и основач на ВМРО-ДПМНЕ. Од денешен аспект и во контекст на најновите случувања со Бугарија, интересно е да се види како се обидувала Софија да инсталира свои послушници во македонската политика, што е посведочено и од самиот Богдановски

Забележано, необјавено

По 16 месеци од основањето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ (Скопје, 17 јуни 1990 г.), на крајот на октомври 1991 година, бугарската МПО успеа да ги скара и да ги раздели таткото и идеологот на партијата, Драган Богдановски и првиот претседател Љупчо Георгиевски. Тоа се случи во Торонто, Канада. Секцијата на ВМРО-ДПМНЕ од Торонто официјално го покани претседателот Георгиевски да им биде гостин, заедно со сопругата Снежана, им ги плати авионските карти, а договорено беше и дека ќе ги сноси трошоците за престој од 30 октомври до 17 ноември.
По слетувањето на авионот на аеродромот во Торонто, Георгиевски наместо да се упати кај домаќините, кои го чекале со Драган Богдановски, како што е редот, неочекувано му се придружил на бугарофилот Стојче Наумов и заедно влегле во автомобилот на Љубен Христов од Детроит, познат мповец и претседател на бугаро-македонската црква „Свети Павле“ во Детроит. Почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Богдановски, крајно разочаран од постапката на претседателот, со писмо што го испрати по телефакс на редакцијата „Нова Македонија“ остро реагираше: „Почитувана редакцијо, ќе ѝ направите услуга на македонската нација ако ја објавите статијата што ви ја испраќам ’Плива ли ВМРО-ДПМНЕ во бугарски води‘“.
Виктор Цветановски, шеф на дескот на „Нова Македонија“, на 10 декември, во попладневните часови, телефонски ми се јави да проверам дали содржината на текстот е веродостојна, напишана и потпишана од Богдановски, да го потврди тоа, со тоа што текстот ќе го препрати во редакцијата и со потпис да потврди дека е негов. Цветановски ми објасни дека содржината му е неприфатлива, се сомневал дека автор на текстот е Богдановски, затоа проверува, бидејќи му личи на провокација, не сака да дозволи редакцијата да биде изложена на напади. Откако експресно ја добивме посaкуваната потврда од Богдановски, писмото беше објавено ден подоцна, на 11 декември 1991 година.
Подоцна на страницата „Писма“ беа објавени неколку писма на Драган Богдановски и реакции на Љупчо Георгиевски. Во текстот „Зошто се разидов со Љупчо Георгиевски“, Богдановски ќе напише: „Фактот што Љупчо Георгиевски не одржа ниту една средба со членовите на својата партија, а имаше време за средби со бугарските врховисти, јасно зборува дека нему му биле помили бугароманските врховисти отколку национално свесните Македонци“.
На тој начин, Љупчо Георгиевски, не сакајќи да се сретне со сопартијците во Торонто, со непромислениот гест му ја прелеа чашата на Драган Богдановски и се случи расколот меѓу нив, далеку од Македонија.

Богдановски не ја криеше разочараноста

„Моја грешка беше што прифатив да живеам во куќата на Борис Змејковски во Лисиче. Мојот пријател и соборец од дијаспората, Мане Јаковлески, ми го понуди неговиот стан во Скопје и ми велеше дека таму ќе ми биде подобро. Понудата ја одбив, многу се каам“, ми се жалеше Драган Богдановски, на кафе-средбите за време на паузите на двата конгресни дена на партијата во Прилеп, на 6 и 7 април 1991 година, кога се чувствуваше осамено.
„По неколку месеци престој во куќата, домаќинот Змејковски и претседателот Георгиевски почнаа чудно да се однесуваат, ме избегнуваа, почнаа да ме понижуваат, да измислуваат работи што не сум ги рекол, пред сопартијците ми го нарушуваа авторитетот, по секоја цена ме оцрнуваа и престојот ми стануваше неподнослив. Ова можеби беше реванш на мојот цврст став претседателот Љупчо Георгиевски да не ја прифати понудата да биде потпретседател на претседателот Киро Глигоров, а како противуслуга пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат Глигоров да биде избран за претседател на државата. На двоецот Георгиевски – Змејковски им говорев дека е голема грешка да се прифати понудата за измислена функција, со што се понижува ВМРО-ДПМНЕ. Нашата партија, која освои најмногу пратенички столчиња, наместо да биде главна и да ги води преговорите, дозволуваме други да диктираат и да се однесуваат како победници на првите парламентарни избори. Се разочарав од нив, и покрај тоа што беа заслужни за успехот и афирмацијата на партијата меѓу македонскиот народ и ги добивме изборите. Меѓутоа, кога требаше да поентираат тие се покажаа во вистинското светло, се декларираа дека се среброљупци и лажни македонски патриоти. Пред домот на културата ’Марко Цепенков‘ во Прилеп дојдоа со службени ’мерцедеси‘ со сопругите, како што го правеше тоа Тито. И тие ги применуваат квазикомунистичките манири, а на собирите и митинзите ги критикуваа за мегаломанските однесувања“.
Драган беше разочаран што го поддржувал, што имал голема доверба и што му верувал на Георгиевски дека е вистински македонски војвода, а по негов предлог делегатите на основачкиот конгрес го избраа за претседател на партијата. Меѓутоа, лажниот македонски патриотизам умешно го прикриваше, маската брзо му падна, блиските соработници се сомневаа, но немаа докази да докажат. На Богдановски уште потешко му паднало кога сопартијците му го свртеле грбот и едногласно изгласале да му се одземе признанието почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, за заслугите што ги имал за основањето и за дејствувањето на партијата.

Долги разговори во Берлин

Неколку месеци по дебаклот и разочараноста што Драган Богдановски ги доживеал во Торонто, неколку дена се дружевме и во Берлин, од каде што замина во Шведска. По неколку часа во ноќта, во станот во Берлин разговаравме и снимив на магнетофонски касети три часа мислења, ставови, коментари, искажувања за македонскиот плурализам и за иднината на македонската држава.
Едно од многуте прашања ми беше да ми објасни за причините што влијаеле да се разделат со Георгиевски, потсетувајќи го дека му беше близок соработник во годините пред основањето и по основањето на партијата и му беше негов учител?
„Како што змијата ги крие нозете, така Георгиевски го криеше бугарофилството, бугарскиот патриотизам. Додека не го избравме за претседател беше кроток и послушен, кога се зацврсти на фотелјата почна да се оддалечува од нас, од активистите од дијаспората, ги избегнуваше средбите и разговорите, не ги прифаќаше нашите идеи, ставови и мислења. Истиот проблем го имаше и Гојко Јаковлески, кој во декември 1990 година, по претходен договор со двоецот Георгиевски – Змејковски, од Берлин допатува во Скопје, со совети да им помогне во поделбата на власта со парламентарните партии. На двата договорени состаноци во Скопје, тие не се појавиле и Јаковлески се откажа од соработка, на сличен начин се случи и со мене. Еве што напишав во писмото за разидувањето со Георгиевски, објавено на 5 декември 1991 година, во ’Нова Македонија‘: ’Причината за моето разидување со Љупчо Георгиевски е Љупчевото пактирање со бугароманската врховистичка организација МПО во Америка, но и со ванчомихајловистичкото ВМРО-СДМ во Софија. Врховистичките организации го негираат постоењето на македонската нација, пактирањето со нив за мене е чин на национално предавство, за кое јас не можам да му простам на Љупчо Георгиевски‘“.
Вреди да се истакне дека не беше само Драган Богдановски разочаран од постапките на Љупчо Георгиевски, туку таквото мислење го делеа и многубројните чесни Македонци патриоти низ светот. Од непромислената и недолична постапка на Георгиевски во Торонто особено беа револтирани членовите на Македонското национално ослободително движење (МНДО), кои со децении стојат на браникот на македонската нација и водат огорчена борба против бугароманската политика на МПО. Ваквиот став тие го потврдија и во писмената реакција, потпишана од претседателот Лазар Христов, а испратена до Задграничниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Европа.


Стојче Наумов, бугароманска инсталација во Задграничниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Европа

Драган Богдановски, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ, по случувањата во Торонто се обрати со писмо до Мане Јаковлески, долгогодишен соработник и соборец уште во партијата ДООМ во Европа.
„Драги Мане,
Жал ми е што морам од Торонто (27.11.1991 година) да ти соопштам лоша вест. Стојче Наумов (м.з. член на Задграничниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Европа) да ти бил човек на бугароманската ванчомихајловистичка организација МПО, која го довела во Канада. Откривме документи што го потврдуваат тоа. Преку Стојчета ванчомихајловистите сакаат целата ВМРО-ДПМНЕ да ја претворат во бугароманско-врховистичка организација. Тука во Канада, тиквата јавно пукна, на отворена трибина, пред илјада души, на прашањето дали Стојче Наумов е човек на МПО, тој не негираше, туку потврди, а го негираше постоењето на македонската нација. Мане, мислам дека и ти го делиш моето мислење дека ВМРО-ДПМНЕ може да биде само македонска национална партија и да ги чисти своите редови не само од србоманите туку и од бугароманите. Во тоа треба да бидеме одлучни, со националната чест на македонскиот народ не смееме да си играме“, пишува на крајот на писмото Богдановски.